еМагазин
Image default
ЧИСТА ОКОЛИНА

Прашање до Владата: Зошто е сменет стручниот прв човек на националниот парк Галичица

Граѓанските еколошки здруженија реагираат на одлуката на Владата за смена на сегашниот в.д. директор на Националниот парк Галичица, Андон Бојаџи.

Тие сметаат дека за соодветно управување со заштитените подрачја во земјава потребни се стручни кадри со искуство во областа на раководни позиции кои ќе носат одлуки за унапредување на подрачјето.

„Преку медиумите дознавме дека со одлука на Владата на е разрешен сегашниот в.д. директор на НП Галичица- Андон Бојаџи, дипломиран шумарски инженер за кого знаеме дека има 25 годишно искуство во Националниот парк како раководител на секторот природа и вистински ја познава областа за чие унапредување искрено и се залага. Бојаџи е дел од тимот во речиси сите проекти за прекугранична и меѓународна соработка на паркот во насока на заштита и унапредување на природните богатства на регионот во кој работи. Во последните неколку години токму тој се залага за обезбедување самоодржливост на НП Галичица преку обезбедување финансии од еколошки туризам наместо од сеча на дрвја како што тоа беше пракса досега. На негово место со одлука на Владата е назначен Васко Паскали кој е дипломиран правник“, се вели во соопштението.

Од таму потсетуваат дека претходниот директор на Националниот парк Галичица имаше многу ризични одлуки кои можеа да значат загуба на цели живеалишта.

„Во 2015 година тогашниот директор на паркот одобри цела низа инфраструктурни проекти како ски-ресорт и автопат во строго заштитените зони на НП Галичица покажувајќи ни уште еднаш дека доколку сакаме заштита на природните богатства мора да имаме стручен кадар на овие позиции. Ја прашуваме Владата зошто во случајов не е запазена законската постапка за избор на нов директор на паркот уредена со Законот за природа во член 141 каде јасно пишува дека директорот на ЈУНП се избира преку јавен оглас за вработување кој треба да биде објавен во најмалку три дневни весници кои се издаваат на територија на цела држава и зошто се откажува од успешни и стручни менџери кои одржливо управуваат со природните ресурси“, се додава во соопштението.

Граѓанските здруженија бараат Владата да ја ревидира одлуката и да се испочитува постапката предвидена со законот и од таму бараат со вакви позиции да раководат луѓе кои се стручни во својата област и имаат докажано искуство во заложбите за заштита и унапредување на заштитените подрачја.

Еколошките активисти сметаат дека како земја која има силни заложби да стане членка на Европската Унија токму сега мора да покажеме владеење на правото во државата.

Во соопштението се потпишани претставник од група биодиверзитет од Координативно тело за соработка со институции кои имаат надлежности во сектор животна средина и клима, Центар за истражување и информирање за животната средина Еко-свест, Македонски Зелен Центар
CNVP Македонија, Движење на екологистите на Македонија (Friends of the Earth Macedonia), ФРОНТ 21/42, Здружение за заштита на животни Анима Мунди, Здружение на инженери за животна средина.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Денеска на врв на Водно ќе се упати порака против изградбата на гасоводот низ парк-шумата

Редакција

„Скопје Север“ доби забрана да работи на мазут, директорот Рамадани ќе го обжали решението

Редакција

Убава вест: Општина Центар ќе дава субвенции од 1,5 денари за секое рециклирано шише

Редакција