еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Зошто се слави Богојавление-Водици

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление, кој се одбележува уште од вториот век.

На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

По минатогодишниот привремен прекин поради пандемијата со Ковид-19, годинава продолжува вековната традиција на положување на крстот во осветените води.

Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ќе го организира традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст.

Манифестацијата ќе се одржи на мостот „Слобода”, кај хотел „Холидеј ин”.

Одбележувањето почнува со празнична литургија во храмот Рождество на Пресвета Богородица од 9 часот. По нејзиното завршување, околу 11 часот ќе има литија од храмот до мостот „Слобода” и тука откако претходно ќе се изврши големиот богојавленски водосвет односно самиот чин на осветување на водите, крстот ќе биде спуштен во реката Вардар.

Од Скопската православна епархија при МПЦ-ОА ги замолуваат верниците кои сакаат да учествуваат во празничните богослужби, како и на оваа манифестација, да ги почитуваат препорачаните мерки за заштита од корона вирусот.

Богојавление-Водици се одбележува и во другите епархии на МПЦ-ОА, како и во помесните православни цркви низ светот кои се водат според Јулијанскиот календар.

На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Галерија) МТЕЛ го отвори својот прв продажен салон на улица Македонија и отпочна со работа како нов телекомуникациски оператор

Редакција

Пендаровски нема да оди на отворање на македонскиот клуб во Благоевград, не бил поканет

Редакција

Промени во правилата за патување во Грција: Потврдата за прележан Ковид-19 важи три месеци

Редакција