еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Прекршочна постапка за кочански „Пејпер мил“ за повторно аерозагадување

По контролниот инспекциски надзор во фабриката „Пејпер мил“ од Кочани, што на почетокот на февруари го направил Државниот инспекторат за животна средина, регистрирано е повторно загадувaње на воздухот над дозволените параметри.

Акредитирана лабораторија измерила надминувања на граничните вредности на емисиите на цврсти честички, односно прашина и јаглероден моноксид што излегувале од фабричкиот оџак.

На 2 февруари од Инспекторатот ја забраниле употребата на пелети како енергенс и издале наредба во рок од пет дена фабриката да премине на природен гас.

Дополнително, таа е задолжена во рок од пет дена откако ќе почне да користи гас да направи нови мерења на емисиите во воздухот со акредитирана лабораторија за животна средина.

Поради недозволеното испуштање штетни материи во воздухот, констатирано е прекршување од трета категорија на Законот за животна средина, а Инспекторатот повел прекршочна постапка.

Во меѓувреме, одговорното лице на фабриката веќе потпишало записник за меѓусебно спогодување и предметот треба да го разгледа Комисијата за спогодување од Министерството за животна средина.

– Глобата за сторениот прекршок за среден трговец, односно за правното лице „Пејпер мил“, изнесува од 110 до 120 илјади евра, а за одговорното лице глобата е шест илјади евра во денарска противвредност, се истакнува во известувањето од Инспекторатот.

Изречената казнена мерка против „Пејпер мил“ не е прва, со оглед што во изминатите години Државниот инспекторат за животна средина неколкупати утврдуваше нарушување на параметрите во издадената А-интегрирана еколошка дозвола и изрекуваше соодветни санкции.

МИА/Фото: Фејсбук/„Пејпер мил“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Македонија станува Северна Македонија: Гласаа 81 пратеник

Редакција

Кој е Сали Мурати, новиот претседател на Уставниот суд

Редакција

(Фото) Хуманиот гест на Пендаровски кој ја однесе Ембла на училиште го обиколи светот

Редакција