еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

Пожари, поплави, топлотни бранови: Претседателите на Грција, Италија, Хрватска, Малта, Португалија и Словенија со заеднички апел за климатската криза во Медитеранот

Заеднички апел во кој ја нагласуваат итната потреба за решавање за опасностите од климатската криза во Медитеранот, упатија претседателите на Грција, Италија, Хрватска, Малта, Португалија и Словенија, земји членки на групата Араиолос, јави дописничката на МИА од Атина.

Шефовите на државите истакнуваат дека климатската криза е веќе тука, последиците се видливи, особено во Медитеранот, „кој е силно погоден и е во опасност не само од недостиг на вода и недостиг на електрична енергија, туку и од поплави, големи топлотни бранови, шумски пожари и опустошување“ и посочуваат дека екстремните природни феномени го уништуваат екосистемот и го загрозуваат секојдневието на граѓаните.

-Повеќе нема време за одложувања, ниту за компромиси од политички или економски причини. Постои итна потреба за дејствување и итно преземање ефективни иницијативи. Сите медитерански земји мора да преземат координирана акција и да реагираат, да вложат колективни напори да ги запрат и да ги отстранат последиците од климатската криза, пишува во заедничкиот апел.

Додаваат дека е потребно да се донесат конкретни политики, да се сензибилизира јавното мислење во оваа насока, но и посочуваат дека се обврзуваат дека ќе поддржат секаква „заедничка иницијатива за акција“ и апелираат до Европската унија, другите медитерански држави и меѓународната заедница „да го задржат ова прашање високо на нивната политичка агенда“.

Заедничкиот апел за Медитеранот е по иницијатива на претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, а го потпишуваат претседателот на Италија Серџо Матарела, на Хрватска Зоран Миловановиќ, на Малта Џорџ Вела, на Португалија Марсело Ребело де Соуза и на Словенија Наташа Пирц Мусар.

МИА/Фото: Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ако Боки 13 трошел „чисти пари“, каде се тогаш парите од рекетирањето?

Редакција

Основната каматна стапка се задржува на нивото од 6,30%

Редакција

(ФОТО) ВМРО-ДПМНЕ со нов протест пред МНР побара да се соопшти за што се преговара со Бугарија

Редакција