еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Претседателката на Словачка, Чапутова од Скопје: Oчекувам дека многу скоро ќе бидеме заедно и во ЕУ

Ги поздравувам сите чекори на вашата земја за приближување кон ЕУ. Словачка, која помина низ тој процес, ќе продолжи со континуираната, несмалена поддршка. Потребни се големи напори и политичка храброст. Подобрувањето во јавните институции и услугите за граѓаните е нешто што секогаш е важно и треба да се унапредува, порача претседателката на Словачката Република, Зузана Чапутова по денешната средба со нејзиниот домаќин, претседателот Стево Пендаровски.

На заедничката прес-конференција со Пендаровски, Чапутова истакна дека во овој момент енергетската криза е најголемиот проблем поради што треба да се наоѓаат најдобрите и најефикасни решенија за негово надминување. Притоа, напомена дека Словачка нема да отстапи од амбициите за „зелена транзиција“.

Чапутова и Пендаровски, како што соопштија, разговарале за интензивирање на економската соработка, како и за унапредување на билатералните односи во повеќе области, меѓу кои и науката и културата.

-Пред неколку месеци, за среќа, преговорите беа почнати, а очекувам дека многу скоро ќе бидеме заедно и во ЕУ. Словачка постојано ги поддржува вашите напори за пристапување и подготвени сме да ги споделиме сите наши искуства во тој дел.

Ние го минавме тој пат, но подобрувањето во јавните институции, услугите за граѓаните е нешто што секогаш е важно и треба да се унапредува. Многу работи не врзуваат, имаме одлични билатерални односи и заедничка историја, рече Чапутова.

Таа посебно ја поздрави позицијата на Македонија во однос на руско-украинскиот конфликт.

Петседателот Пендаровски се заблагодари за „постојаната и гласна“ поддршката на Словачка, нарекувајќи ја вистински пријател. Оваа посета, истакна шефот на државата, го потврдува позитивниот тренд во развојот на билатералните односи, дотолку повеќе што се реализира кога нашиот пристапен процес кон ЕУ е веќе почнат.

-Кога беше најтешко, Словачка, како вистински пријател, без калкукалции, не поддржуваше во сите ситуации. искрено, се надеваме на сличен пристап во иднина од сите земји членки на ЕУ, следејќи го принципиелниот однос на Словачка како еден од движечки сили на Вишеградската група, потенцира Пендаровски.

Чапутова и претседателот Пендаровски по заедничката прес-конференција заминаа во црквата „Св. Спас“ и положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“.

За словачката претседателка беше организиран и пречек на платото пред Владата каде присуствуваа премиерот Димитар Ковачевски, неговите заменици и други владини претставници. Чапутова и Ковачевски потоа имаа и билатерална средба.

Претседателката на Словачка која престојува во дводневна официјална посета на земјава, утрово беше пречекана со највисоки државни и воени почести, по што следуваше тет-а-тет средбата со домаќинот, претседателот Пендаровски, а се одржа и пленарен состанок на делегациите од двете земји. 

МИА/Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Сузбиена криминална група за препродажба на кокаин: Приведени пет лица од Арачиново и Неготино

Редакција

(Фото) Претседателот Пендаровски со сопругата Елизабета блеснаа на Охридско лето

Редакција

Влијанието на сахарскиот бран завршува денеска, од утре дожд и пад на температурите

Редакција