еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

Промовирана првата фолк-сликовница за деца „Слушам кај шумат шумите“

Центарот за зачувување и развој на македонската фолк музика, фолклорното творештво, едукација и иновации за деца, ја промовираше првата музичка фолк сликовница за деца „Слушам кај шумат шумите“.

Првата фолк сликовница е реализирана од проектот Музички фолк сликовници за деца, што го спроведува „Фолконика“.

„Сликовницата е уникатна со својот концепт, зошто за прв пат се прави ваква илустрација на македонска народна песна, каква што е „Слушам кај шумат шумите“, која е избор за првиот наслов на фолк сликовницата, направен според анализата на музичкиот соработник Бајса Арифовска, (музички педагог, музички соработник, инструменталист), исполнувајќи ги целите, да биде прифатлива и со текст и тема за децата.

Целта е да се даде придонес кон зачувување на македонското фолклорно творештво и тоа да им се понуди на децата во една форма, која ќе биде прифатлива за нив. Сликовницата на своите страници го содржи текстот на песната и нотни записи за истата, распоредени според строфите на страниците.

За поголемо естетско доживување на песната и содржината, младата академска сликарка Маја Димитрова направи уникатни илустрации, автентични на текстот од строфите, со кои се заокружува целата приказна на песната, за да допре до децата од најмалата возраст.

Ликовното и графичко уредување го направи Елена Димитрова,“ информираат од „Фолконика“.

Душко Георгиевски, кој е претседател на „Фолконика“, воедно и истакнат естраден уметник, изјави дека првата фолк сликовница за деца, произлегла од долгогодишната работа на фолк естрадата и народната музика.

„Соочени со состојбите, како естраден уметник, имав морална одговорност пред нашето национално музичко богатство, да дадам уште еден придонес во неговото зачувување и негување, но во еден друг сегмент, сметајќи дека треба да се тргне и да се работи најмногу со најмалите, за да им се пренесе македонската народна песна и да им се понуди форма со која тие ќе ја запаметат, ќе сакаат да ја читаат, слушаат.

На таков начин ќе придонесеме младите да го ценат и да продолжат да го негуваат нашето народно музичко богатство. Ова е првата, од серијата фолк сликовници, кои ќе следуваат со избор на нови македонски народни песни, илистрирани во сликовници“, вели Георгиевски.

Музичките фолк сликовници за деца ќе бидат презентирани и дистрибуирани пред детската популација, во предучилишна и училишна возраст, градинките, воспитно- училишните установи, училиштата, специјализираните едукативни центри, библиотеките.

Онлајн промоција ќе се одржува и пред македонската дијаспора.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Интерпелација за Јовески на првата нова собраниска седница

Редакција

Денеска почнува Божиќниот пост

Редакција

Курц доаѓа во Македонија пред референдумот

Редакција