На денешното рочиште за пожарот во т.н. дискотека “Пулс“ во Кочани сведочеше и директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков.
Тој меѓу друго како сведок на Основното јавно обвинителство, кажа и дека кај 33 лица кои загинале во пожарот било утврдено присуство на водороден цијанид, но тоа според него било дополнителен, а не доминантен фактор за смрт.
Потврди и дека количина до 0.6 микрограми на милилитар водороден цијанид е вообичаено за пушачи и лица кои живеат во позагадена средина, а кажа и дека теоретски не може да го отфрли влијанието на алкохолот при расудувањето за излегување од објектот, но и дека многу други фактори влијаеле за тоа.
Рече и дека и покрај тоа што кај неколку лица било утврдено присуство на алкохол и психотропни суптанци, тие не биле причина за нивната смрт.
Објасни и дека теоретски водородниот цијанид, во „Пулс“ можел да се ослободи од звучната изолација.
Кажа и дека кај 59 од загинатите смртта настапила како резултат на труење со јаглерод моноксид, амбиентален недостаток на воздух и компресивна асфиксија, односно поради недостаток на воздух од притисок на градите и стомакот и термичко оштетување на дишните органи.
Како дополнителни фактори ги посочи и чадот, жешкиот воздух и стампедото што настанало по пожарот, посочувајќи дека според податоци од други институции, при пожарот во „Пулс“ температурата достигнала и до 700 Целзиусови степени, приближно до таа што се постигнува во крематориум.
Четири лица пак, кои починаа во болници во странство и во земјава, според него, починале, како последица на изгорениците и оштетувања на белите дробови.
Судењето продолжува на 6. мај.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Одбиено барањето за укинување на притворот за Хаџиу и братот на газда Деко
Фото: Игор Бансколиев













