еМагазин
Image default
Македонија

Лингвистот и синолог Радев за спорот со Бугарија: Изгубивме осет за реалност претворајќи ја ЕУ во божество

Ако Скандинавците тргнат по наш ум, во нивната историја ќе се најдат толку многу поводи за една јазично-идентитетска „касапаана“, во споредба со којашто нашиов македонско-бугарски спор ќе изгледа како здодевно-културен виенски валцер. А ние на олтарот на Унијата веќе жртвувавме нешто скапоцено – името, ама на божеството тоа не му е доста, и уште бара жртви, па откако ќе му ги принесеме и тие, веројатно повторно ќе побара нови… До кога?, прашува лингвистот и синолог Игор Радев, кој во интервјуто за МКД.мк за актуелните јазични прашања со Бугарија вели дека правото на слободно носење одлуки за вакви прашања е дел од дефиницијата на државен суверенитет, и тука нема што некој од страна да се меша.

„Мислам дека ние овде во нашиот долгогодишен стремеж по секоја цена да влеземе во ЕУ ги преминавме сите граници при нејзиното идеализирање. Си замислуваме принципи таму каде што просто има интереси и гола прагматичност.

На пример, ние во Македонија сме убедени дека почитувањето на малцинските права од културна и образовна природа е некаков темелен принцип на Унијата. Меѓутоа, постојат дамнешни членки на ЕУ што официјално не признаваат ниту постоење на какво било национално малцинство на сопствената територија, а камоли да стане збор за некакви нивни културни или образовни права макар и од најограничена природа. Има ли потреба да ги именуваме тие земји? Оттука, не гледам зошто и по гореспоменатото прашање Унијата наеднаш би инсистирала на следење на некакви „принципи“, кои по сè изгледа опстојуваат единствено во нашите надежи.

Во ЕУ има членки што внеле во неа замрзнат воен конфликт и поделена држава (Р Кипар) или такви што имале уставно пропишани територијални претензии (Р Ирска во однос на Северна Ирска), без никакви условувања за претходно решавање. А ние тука денес сме во ситуација да бидеме условувани и уценувани со работи што спаѓаат во сферата на литературни метафори, како формално признавање на „корени“, или официјално формулирање на ваква или онаква интерпретација на историски собитија…

Ако ова не е случај на тие фамозни двојни, тројни стандарди, тогаш не знам што е. Некој тука можеби ќе забележи – па не нè уценува и условува ЕУ, туку Бугарија. Не. Оној миг кога цинично ни беше кажано ние „првин билатерално да си ги решиме несогласувањата“, јасно е веќе кој нè уценува.

За да ме сфатите, ќе ја употребам следнава споредба: замислете вашиот син пред ваши очи да тепа и малтретира некое помало и послабо дете, притоа повикувајќи се на вашиот авторитет (во стилот – „не знаеш ти кој е татко ми“), а вие тоа мирно го гледате и да им велите – „деца, решете си го несогласувањето сами, а после ќе видиме“.

Во ваков еден случај, кој веќе станува одговорен за малтретирањето? Или можеби сега некој ќе нè убедува дека треба да се помириме со тоа дека Унијата е една голема фамилија, па како таква таа секогаш застанува на страната на членовите на семејството без разлика дали се во право или не, и дека едни правила важат кога си внатре, а други кога си надвор. Во секој случај, интересна споредба.

Проблемот кај нас е во тоа што изгубивме секаков осет за реалност и мера во нашиот однос кон ЕУ, претворајќи ја Унијата во еден вид божество, кое со секој изминат ден сè повеќе наликува на феникискиот Молох, кому, како што знаете, му било жртвопринесувано она најскапоценото – човечки деца! И ние на олтарот на Унијата веќе жртвувавме нешто скапоцено – името, ама на божеството тоа не му е доста, и уште бара жртви, па откако ќе му ги принесеме и тие, веројатно повторно ќе побара нови… до кога? А некој старозаветен пророк како Илија ни на повидок…“, вели меѓудругото Радев.

Фотографија: Роберт Атанасовски

Целото интервју на МКД.мк со Радев ОВДЕ. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детали од Обвинителство за Јакимовски: „Масакр“ на буџетот на Општина Карпош

Редакција

Мицкоски: Антикорупциска внимателно да го следи случајот „Броило“

Редакција

(Фото) Законот за јазици без потпис на Иванов, објавен во Службен весник

Редакција