Поранешниот генерален секретар на владата, Драги Рашковски, обвинет во случајот „Софтвери“, соопшти дека е поднесена кривична пријава против обвинителката Ивана Трајчевска, која го води предметот и против стручен соработник во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, поради неизвршување на своите работни задачи, сокривање и монтирање на кривично правни предмети, со цел создавање погрешна перцепција во јавноста.
„Со цел да предизвика омраза кај јавноста, основната јавна обвинителка која го водеше и се уште го води случајот „Софтвери” ја излажа и се уште ја лаже целата македонска јавност. Поднесена е кривична пријава против И.Т., како јавен обвинител и против стручен соработник О.А. во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
При тоа, ова нема да е последната кривична пријава, туку е една меѓу првите, За истото е веќе поднесена и претставка за нејзината работа до Советот на јавни обвинители, Републичкиот јавен обвинител и до шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. За сето ова ќе биде известена во детали и целата меѓународна заедница,“ наведува Рашковски во дописот до медиумите.
Тој во неколку точки ги посочува конкретно причините за поднесената пријава против обвинителката и стручниот сосработник.
Фото: Влада