еМагазин
Image default
Македонија

Расправа за уставните измени: Се бараше чаре за потписот на претседателот Ѓорѓе Иванов

На третата јавна дебата посветена на четирите нацрт-амандмани на Уставот согласно Договорот од Преспа се отвори и прашањето за надминување на проблемот со непотпишувањето на Договорот од страна на претседателот Ѓорге Иванов, со што тој не е стапен во сила и се уште не е воведен во правниот систем, и како во иднина да се исклучат вакви ситуации.

Академиците имаат различни размислувања како правно да се реши оваа уставна празнина.

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, образложувајќи предлози кои беа веќе кажани во Собранието и на други дебати во делот на Преамбулата, рече дека треба да се предвиди член со кој ќе се предвиди доколку по втор пат донесен закон од Собранието претседателот на државата не го потпише, тој автоматски да биде прогласен и да стапи во сила.

„Тука има уште една нова сугестија што не се однесува на Договорот од Преспа. На пример, јас лично мислам дека уставотворците никогаш не предвиделе дека Македонија некогаш ќе има претседател кој нема да ја следи својата должност да потпише документ, закон, да го прогласи што двапати ќе помине во Собранието.

Тоа Уставот го вели експлицитно, но ние денеска во Македонија имаме една таква ситуација. Законот за ратификација со Договорот со Грција помина двапати, но тој уште не е потпишан односно прогласен и врз основа на тоа не е објавен во Службен весник. Можеби треба тоа да се предвиди… да се смета дека потписот е даден кога втор пат ќе биде изгласан“, предложи Димитров.

Академикот Владо Камбовски осврнувајќи се на прашањето што го отвори Димитров за претседателоскиот потпис, рече дека Договорот од Преспа не е влезен во сила поради тоа претседателот на државата одбива да го потпише и предложи во Уставниот закон да се стави посебна одредба дека овој Договор стапува во сила со потпис на претседателот на Собранието.

Но, сепак, вели Камбовски треба добро да се размисли како да се најде решение за оваа уставна празнина.

Од друга страна, пак, професорот Светомир Шкариќ предложи уште најмалку два амандмана на Уставот, што би се однесувале на прогласување на Договорот од Преспа, односно негово стапување во сила, и ставот за државјанството да стане нов амандман.

„Предлагам Договорот да се смести во посебен амандман. Предлагам 37 амандман да гласи: Договорот вака како што е формулиран со сите негови елементи да биде составен дел на уставниот поредок на Република Македонија“, рече Шкариќ додавајќи дека идејата е тој да биде дел од уставниот или правниот систем.

На ова се спротистави академикот Владо Поповски кој смета дека станува збор за еден многу крупен проблем што прво треба да добие легитимитет, потсетувајќи дека тоа би можело да отвори долга дебата, а временските рамки за усваојување на уставните измени се веќе познати.

„Од кога тоа би го добил како легитимитет веројатно на полето на уставно-правното решение кога станува збор за Уставот е уште еден долг процес. Со други зборови, ако по овој повод се тргне во таа смисла, за две години нема да заврши дискусијата. Станува збор за потреба со преклузивен рок кој постои во самиот Договор… да се заврши уставното покривање на клучните барања во тој Договор за да може Македонија да исчекори и да фати приклучок со евроатланските интеграции“, рече Поповски.

Академикот Таки Фити кажа дека договорот ги зајакнува и зацврстува идентитетските прашања и оти со него се решава едно историско прашање. Треба да се земат предвид, според него сите придобивки од ова решение и овој спор, посочувајќи на евроинтеграциите, но и на економските бенефити.

Повтори дел од веќе изнесените заклучоци од неодамнешната научна дебата во Академијата меѓу кои и дека ќе треба да се изнајде решение за имињата на некои од институциите. Фити, сепак, рече и дека во МАНУ нема едногласие по овие прашања, но и дека тоа е легитимно и кредибилно доколку се понуди алтернативно решение.

МИА/Фото: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Методија Димовски именуван за нов генерален секретар на Владата

Редакција

И Кочо Анѓушев на тапет на Антикорупциска

Редакција

(Фото) Искршен автомобилот на портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Митева

Редакција