еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Реализирани само 52% од активностите за реформа на јавната администрација, утврди Државна ревизија

Перманентно одложување на носење нови клучни закони, пролонгирање на процесот на реорганизација на државните органи, нецелосна реализацијата на планираните активности и недоволни кадровски капацитети, покажува конечниот извештај од извршената ревизија на успешност „Реформа во јавната администрација“ што денеска го објави Државниот завод за ревизија (ДЗР).

Со ревизијата, како што е наведено во соопштението од ДЗР, констатирано е дека роковите за донесување на клучните закони за спроведување на реформи во јавната администрација континуирано се одложуваат. Постапката за донесување на Законот за вработените во јавниот сектор, Законот за административни службеници и Законот за високо раководна служба е отпочната во 2019 година и истата се уште трае.

Во извештајот е нотирано и честото именување на вршители на должност – в.д директори.

– Во периодот од 2018 до 2021 година, 52 отсто од вкупниот број на именувани раководни лица се в.д. директори или нивни заменици, чиј избор е без објавување на јавен оглас, што влијае врз професионализацијата на високата раководна служба, доброто управување во институциите на јавниот сектор и ја намалува отчетноста на постапката на избор на раководни лица на институциите, се наведува во соопштението од ДЗР.

Ревизорите констатирале и отсуство на документација за начинот на планирање и изработка на стратегијата, од причина што истата не е дел од архивата на Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), а лицата кои управувале со овој процес не се повеќе вработени во МИОА, со што не се обезбедува институционална меморија за процесот.

-Донесен е ревидираниот акциски план за спроведување на стратегијата, со кој се извршени промени кај 33 отсто од планираните активностите, дефинирани се нови активности, вршени се промени во роковите на спроведување и на индикаторите за мерење на успешноста како и намалување на износот на планираните финансиски средства, се додава во соопштението.

Во однос на кадровските капацитети за исполнување на реформските цели, како што посочуваат од ДЗР, утврдени се чести промени, недоволна кадровска екипираност како и нецелосна реализација на надлежностите на телата одговорни за процесот на реформа и неефикасна вертикална и хоризонтална координација и комуникација на сите учесници во процесот.

-Советот за реформа на јавната администрација е највисоко политичко тело за координација на активностите. Во периодот од 2018 до 2022 година извршени се шест промени во неговиот составот, како последица од постојаните структурни промени во Владата, со одржани само седум состаноци за период од четири години, а од последната од јули 2021 година до крајот на 2022 година, повеќе од една и пол година, не е одржана нова седница, истакнуваат од ДЗР.

Оттаму додаваат дека вкупно планирани средства за спроведување на мерките од Стратегијата изнесуваат 1.802.140 илјади денари односно околу 30 милиони евра, при што најголемо учество од над 56 отсто се обезбедени од фондови и инструменти на ЕУ.

-Од вкупно 205 планирани активности реализирани се само 106 активности што претставува 52 отсто реализација, се наведува во извештајот.

Во него се посочува дека не е остварена транспарентност, отчетност и следење на потрошените финансиски средства во буџетот на државата, бидејќи освен МИОА, другите институции немаат отворено посебна потпрограма во рамки на Владината програма К – Реформа на јавната администрација.

-Не е извршена целосна оценка на ефикасноста на процесот на реформата на јавна администрација, од вкупно предвидените 79 индикатори, измерени се само 28 индикатори за мерење на успешноста на активностите односно само 35 отсто. МИОА нема воспоставено систематизирана евиденција за секоја активност од стратегијата, полугодишните и годишните извештаи не содржат податоци за планирани и реализирани средства, се посочува во извештајот.

Од ДЗР истакнуваат дека четвртиот годишен извештај од 2021 година не содржи целосен финансиски преглед и дадена е анализа само за потрошени средства во износ од 1.111.359 илјади денари, односно за околу 18 милиони евра, што претставува 61 отсто од вкупно планираните средства за период 2018-2022 година.

-Не е воспоставен ИТ систем за следење, оценување и известување за реформските активности, со што не се создадени услови за систематското прибирање и обработка на информациите и податоците заради оценување на степенот на спроведување на реформите во јавната администрација, велат од ДЗР.

Имајќи предвид дека функционална јавна администрација е предуслов за транспарентно и ефективно демократско владеење, за надминување на констатираните состојби, до надлежните институции и телата за координација на активностите, Државниот завод за ревизија даде препораки кои се во функција на подобрување на зајакнување и создавање на ефикасен системот на планирање, спроведување, следење, оценување и известување за реализацијата на активностите на новата Стратегија за реформа на јавната администрација 2023-2030, со цел успешна реформа на јавната администрација, како стратешка цел на државата.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Зад Пендаровски застанаа над 60 пратеници, ќе се собираат и потписи од граѓаните

Редакција

Ниту еден криминал во Македонија не е без знаење, учество и согласност на раководствата на партиите, вели Куновска по ставањето на Мерко на црната листа

Редакција

Лажни се пријавите за бомби во скопските основни и средни училишта

Редакција