еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Резолуција во американскиот Сенат за македонскиот јазик, култура и историја

Гласот на Америка на македонски јавува дека републиканскиот сенатор од Индијана, Мајк Брон претставил резолуција во американскиот Сенат да се прогласи септември 2023 година за месец на македонско-американско наследство, за време на кој ќе се слават јазикот, историјата и културата на македонските Американци.

Во резолуцијата се вели дека е важно да се истакнат клучните придонеси и културно влијание на македонските Американци во САД.

„Да се препознаат бројните придонеси на македонските Американци во САД во различни области, вклучувајќи уметност, наука, бизнис, политика, медицина и спорт, и да ги поттикнат граѓаните на САД да го одбележат месецот на македонско-американско наследство со соодветни церемонии, активности и програми кои ги почитуваат културните придонеси и достигнувања на македонските Американци“, се вели во резолуцијата, пренесува Гласот на Америка.

Во неа пишува дека од „1880-тите години, десетици илјади Македонци имигрирале во САД барајќи граѓански слободи, човекови права, верски слободи, економски можности и безбедност како одговор на Илинденското востание против Отоманската империја од 1903 година, Балканските војни 1912-1913 година, Првата и Втората светска војна, Граѓанската војна во Грција од 1946–1949 година и комунистичката политика на Југославија“.

Проценките се дека денес има околу 500.000 граѓани со македонско потекло кои живеат во САД, најголем број од нив во сојузните држави Мичиген, Њу Џерси, Њујорк, Охајо, Индијана, Илиноис, Пенсилванија, Флорида, Тексас, Аризона и Калифорнија.

„Македонско-американската заедница во САД е енергична заедница која е вградена во мозаикот на САД, учествувајќи во сите сфери на животот – бизнисот, медицината, правото, технологијата, граѓанскиот ангажман, владата, војската, образованието, уметноста, кулинарскиот свет, атлетиката и многу повеќе, а македонските претприемачи покажаа издржливост, решителност и посветеност на напорна работа преку надминување на предизвиците за постигнување деловен успех и придонес кон основање на трговијата во САД“, стои во текстот на резолуцијата.

Во неа се нагласува и успехот на спортистите со македонско потекло во различни спортски дисциплини во САД, како и придонесот на македонските Американци во разни уметнички форми, вклучувајќи ги визуелните уметности, литературата, музиката, танцот, театарот, филмот и фотографијата.

Членовите на македонската заедница во САД се активни и во медицината, вклучително во кардиоваскуларната и торакална хирургија, ортопедската хирургија, спортската медицина, акушерството и гинекологијата, а служат и во законодавните тела и судови низ САД, „соработувајќи во бескрајната работа на демократијата на САД“.

Резолуцијата спонзорирана од Брон, кој е единствен сенатор што е член на групата пријатели на Македонија и македонските Американци во Конгресот, прво треба да биде одобрена од сенатскиот комитет за судство, пред за неа да гласа целиот Сенат.

Иницијативата за резоулцијата ја поднесе Обединетата македонска дијаспора (ОМД).

Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од јануари ќе се вклучи вториот котел во ТЕЦ Неготино и третиот блок во РЕК Битола

Редакција

Судењето за насилството во Собрание одложено, влошена состојбата на еден од обвинетите

Редакција

ЕБОР: Растот на македонскиот БДП годинава 2%

Редакција