еМагазин
Image default
ЖИВОТ

РСБСП: Доаѓа период на ниски температури, дожд, снег, голомразица и влажни коловози-возете внимателно!

И покрај тоа што температурите се релативно високи за овој период од годината, сепак во последните неколку денови во земјава забележливо е значително влошување на временските услови. Во наредниот период се очекува да се интензивираат појавите на дожд, магла и снег, информираат од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП).

Општо познат факт е дека временските услови влијаат на безбедното одвивање на патниот сообраќај и токму затоа Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата апелира до учесниците во сообраќајот да бидат внимателни, одговорни и подготвени за безбедно управување на возилото при услови на влажни коловози, пониски температури и есенски и зимски услови на патиштата.

РСБСП посебно потсетува:

Намалете ја брзината. Во услови на ниски температури и обилни врнежи од дожд или снег, очекувана е појавата на голомразица на патот, влажни и лизгави коловози, особено ако патувате во раните утрински или доцните вечерни часови. Затоа бидете внимателни, прилагодете ја брзината според условите на патот и запомнете дека најважно од сѐ е живи, здрави и безбедни да пристигнете на посакуваната дестинација.

Држете безбедно растојание. Лошите временски услови и непогодната состојба на коловозите влијаат на сопирачкиот пат на возилото. Затоа, држете безбедно растојание и внимавајте на однесувањето на другите учесници во сообраќајот.

Бидете предвидливи. За безбедно одвивање на сообраќајот при дожд, влажни и замрзнати коловози особено важно е вашите постапки во сообраќајот да бидат најавени, очекувани и предвидливи. Согласно тоа, редовно користете трепкачи и избегнувајте нагли дејствија како нагло свртување, нагло запирање, забавување или забрзување на возилото.

Возете внимателно во услови на магла. Секогаш кога се движите низ магла, прво намалете ја брзината и вклучете ги соборените светла и светлата за магла (доколку поседувате такви светла). Почитувајте ги ограничувањата на брзината и не престигнувајте друго возило сè додека вашето видно поле не стане чисто и прегледно, а вашето престигнување безбедно.

Направете техничка проверка на возилото. При есенски услови на патот, посебно важно е да управувате технички исправно возило. Искуствата покажуваат дека при пониски температури и влажни и лизгави коловози, на површина излегуваат сите неисправности на возилото.

За ваша и безбедност на сите учесници во сообраќајот, за непречено пристигнување на посакуваната дестинација, направете редовна зимска проверка на возилото со посебен акцент на проверката на системот за управување, системот за запирање, пневматиците, електрониката итн.

РСБСП уште еднаш потсетува дека безбедноста во сообраќајот зависи од сите нас. Доколку сите бидеме внимателни и одговорни во сообраќајот, доколку сите ги почитуваме сообраќајните правила и прописи, бројот на сообраќајни незгоди и бројот на загинати и повредени лица во сообраќајни незгоди значително ќе се намалат.

Фото: АМСМ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Трогателно мајчинско сведоштво: „Д-р Жан Митрев направи чудо со мојата Инеа“

Редакција

Eau roma water – тоник за лице од Lush: Смирувачки тоник за зрела, сува и/или чувствителна кожа

Редакција

Македонија најнесреќна во регионов и на дното во Европа според извештај „Среќата во светот 2023“ на ОН

Редакција