еМагазин
Image default
ЖИВОТ

Се обединува епидемиолошката стручност во нов Центар за дејствување во услови на епидемии

Пандемијата на Ковид-19 ја реафирмираше итната потреба од брзи, делотворни и стратешки информации за епидемиите и здравјето, како и потребата од колаборативни механизми што ќе можат да им помогнат на субјектите што работат во полето на јавното здравје во Северна Македонија, информираат од Министерство за здравство.

„Денес, Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на Северна Македонија го отвараат новиот Центар за дејствување во услови на епидемии и други јавно-здравствени вонредни ситуации во Скопје. Овој центар ќе обезбедува централизирани информации во реално време, следење на состојбите, известување и совети за тоа како да се постапува  во случаи на настани и вонредни состојби поврзани со јавното здравје,“ се вели во соопштението.

Обединувајќи ја на едно место епидемиолошката стручност од Институтот за јавно здравје, Центарот ќе нуди дигитални решенија за еден систем на рано предупредување со цел навремено известување и детектирање на настани поврзани со јавното здравје.

Исто така, Центарот ќе ги подобри надзорот и координацијата меѓу епидемиолозите, лабораторискиот кадар и експертите за јавно здравје од десетте Центри за јавно здравје и 21 подрачна единица во Северна Македонија.

„Ѝ честитам на Северна Македонија за нејзината посветеност кон јакнењето на капацитетите на јавното здравство за борба против Ковид-19. Овој нов центар е пионерски пример за тоа како СЗО може, во партнерство со националните надлежни органи, да ја зацврстува здравствената сигурност и да собира што повеќе информации релевантни за јавното здравје кои се потребни не само за борба против актуелната пандемија туку и за идните вонредни состојби што може да се случат во годините пред нас”, изјави д-р Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа.

СЗО помага околу операционализацијата на Центарот, така што обезбедува технички насоки и еден експерт за јавно здравје кој ќе биде составен дел од националниот тим. Оваа поддршка ја овозможи организацијата USAID која обезбеди неповратна помош за оваа намена.

Заедничката надворешна евалуација на подготвеноста на Северна Македонија и на нејзиниот капацитет за одговор на здравствени вонредни состојби, спроведена минатата година, препорача основање на еден ваков центар. Центарот ќе придонесе кон изградбата на националниот систем за одговор на здравствени вонредни состојби и кон исполнување на обврските од Меѓународниот здравствен правилник (МЗП, од 2005 година).

На отварање на Центарот, министерот за здравство Венко Филипче и се заблагодари на СЗО за континуираната поддршка во борбата против Ковид-19.

„Овој центар за дејствување при здравствени вонредни состојби ќе биде од критична важност за подготвеноста и реакцијата на државата. За време на епидемии, Центарот ќе работи нон-стоп, т.е. 24/7, 365 дена годишно, така што ќе дава поддршка при носење одлуки, тековно работење, поврзување, информирање на населението за ризиците, (пре)распоредување на персонал, колкав број вработени се потребни, логистика и планирање”, изјави министерот Филипче.

За време на настанот, д-р Џихан Тавилах, претставничка на СЗО во Северна Македонија, се осврна на тоа како соработката на СЗО со Министерството за здравство во овој заеднички потфат би можело да ги информира другите земји од Западниот Балкан за тоа како да ги зголемат институционалните капацитети во делот на здравствената сигурност и собирањето информации релевантни за јавното здравје.

Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Денеска попладне пороен дожд, грмежи и засилен ветар

Редакција

Компанијата Мерк во глобална кампања за подигнување на јавната свест за различните типови на тироидни пореметувања

Редакција

Предавање и совети од Клиника Жан Митрев за зголемување на свесноста за женското здравје

Редакција