еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Се продава тоа што остана од „Славија“, ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека се нуди за багателна цена

Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, Фатон Асани денеска изјави дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ изнела лаги и невистини во врска со продажбата на АД „Славија“.

– ВМРО-ДПМНЕ вели дека вредноста на компанијата изнесува над 20 милиони евра. Тоа не е точно. А оваа бројка за вредноста на АД „Славија“ е од 2012 година, кога токму тогашната Влада, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ја најави продажбата на компанијата на прес-конференција на 23 ноември 2012 година.

Она што не го кажуваат од ВМРО-ДПМНЕ е дека денес вредноста на компанијата е далеку помала поради фактот што во меѓувреме, во период од 2012 до 2017 година, имотот на АД „Славија“ е распродаван на парче и тајно, по цени далеку помали од вредноста, нагласи Асани.

Тој, како што рече, за разлика од тогаш денес се е транспарентно и јавно.

– За да ја извадат на тој начин продажбата на АД „Славија“, наместо да ја понудат на продажба со акциите на берзата, нејзиниот имот е продаван на парче и зад затворени врати. На тој начин, по за државата неповолни и ниски цени, се распродавани повеќе десетици дуќани и атрактивни локали во Скопје и низ целата држава, рече Асани.

Тој посочи дека дел од тие локали и дуќани на АД „Славија“ се во сопственост на „Тинекс“ и други приватни компании.

– Според тоа, цената на АД „Славија“ денес не е нешто над 20 милиони евра, како што рекоа на прес-конференцијата од ВМРО-ДПМНЕ, туку многу пониска, а причината е тоа што токму Владата на ВМРО ДПМНЕ во периодот од 2012 до 2017 година ја распродаде „Славија“ на парче, рече Асани.

Тој потенцира дека денес имотот на АД „Славија“ се состои од нејзината управна зграда, магацини и земјиштето во Кисела Вода, а вредноста на акцијата ја дефинираат и долговите на претпријатија кои се бројат во милиони евра.

– Секако, доколку би била продадена „Славија“ секој еден купувач треба да му биде јасно дека ја купува со сиот багаж којшто го наследила од претходно. Самата претходна влада пријавила долг дури 17 милиони евра. Може да се каже дека АД „Славија“ е распродадена повеќе од 70 посто.

Што се однесува до акциите на АД „Славија“ нивната вредност произлегува од капиталот што стои зад нив, а тоа е имотот што го спомнав претходно. Од продажбата на Славија ќе бидат исплатени долговите кон вработените и кон доверителите, истакна Асани.

Тој потенцира дека во моментов се врши проценка на имотот на АД „Славија“, а се продаваат нејзините акции.

-Во тек е нова проценка за АД „Славија“. Но, да разграничиме, едно е имот, а друго е акции. Во моментов Агенција за управување со одземен имот има распишано продажба на акции и тоа не само од „Славија“, туку и од други фирми, рече Асани.

ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ ја продава АД Славија за 218.535 евра, која вреди над 20 милиони евра

Се подготвува еден од најбруталните, најбесрамните и најбескурпулозните грабежи на државен имот, односно на Република Македонија по принципот на старата школа на СДСМ како од 90тите години кога беа приватизирани над 600тини фирми во Република Македонија кои што беа имот на државата. Обезвредни државен имоти најпрво беа симнати буквално на 0 за потоа да може да дојде некој за багател да ги купи и да заработи милиони евра на грб на државата“, рече на денешната прес-конференција, Димче Арсовски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

“Владата на СДСМ и криминалниот картел од Струмица, кој што е на чело со премиерот во заминување Зоран Заев се подготвува да ја продаде АД Славија, односно да ја купи некој со нивни амин за багателна цена, далеку од онаа вредносната

АД Славија која што има вредност со целиот свој имот, со сите свои објекти од над 20 милиони евра целата фирма, власта на СДСМ, власта на премиерот во заминување Зоран Заев сака да го продаде целиот тимот, целото земјиште, сите објекти на АД Славија и целата фирма АД Славија за 218.535 евра, односно 4.285 акции по цена замислете од 51 евро по акција и тоа на само 2 дена пред новата година.

Ова е лудило кое што го достигна врвот менаџиран од Зоран Заев и власта.

Ајде сега да ја разгледаме целата постапка. Најпрвин, никаде, ама баш никаде Влада на Република Македонија нема направено нова проценка, согласно законските обврски од Бирото за судски вештачења, која што би ја нарачало нормално владата за да се утврди колку чини имотот, објектите и целата фирма АД Славија.

За да се продаде државна фирма или АД треба да се направи проценка на имот, па потоа да се одреди цена колку би била една акција. Ниту директорот на АД Славија, ниту Владата, ниту Агенцијата за одземен имот не им текнало да направат проценка на имот. Зошто? Затоа што тие се соучесници и така им е наредено од мафијата на власт, за да може да ја купи власта АД Славија, односно блиски луѓе до власта бизнисмени  за 218.535 евра.

Замислете имот, фирма, објекти кои чинат 20 милиони евра некој близок до Заеви да го купи само за 218 илјади евра. Ако се прави проценка со актуелна фактичка состојба, АД Славија ќе се увиди дека вреди повеќе од 20 милиони евра и кога ќе се одбие долгот којшто го има најверојатно според информациите од 4-5 милиони евра, сепак фирмата ќе вреди 15 милиони евра и тогаш една акција не би била 51  евро, туку би била неколку илјади евра.

Замислете, само управната зграда ако ја погледнете, а сите ја знаат управната зграда до Универзитетот ФОН, ќе сфатите дека чини десетина милиони евра, само таа, а не пак целата фирма со сите свои пропратни објекти и имоти да чини 218 илјади евра“, рече меѓудругото тој.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Македонски Телеком продолжува со успешно работење и во првото полугодие од 2023 година

Редакција

На „Бехтел и Енка“ досега исплатени околу 167 милиони евра, на терен се уште во фаза на геомеханичките испитувања

Редакција

Мапа открива застрашувачко ширење на корона вирусот: „Заразен“ и Блискиот Исток

Редакција