Во нашата земја денеска се одржаа избори за петтиот претседател, на кои на гласање излегоа и актуелниот претседател Ѓорѓе Иванов и двајцата кандидати на изборите Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова.
Кандидатот за претседател од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Гордана Силјановска-Давкова денеска, на вториот круг од претседателските избори гласаше во Основното училиште „Коле Неделковски“.
Силјановска изјави дека очекува поголема излезност и победа.
„Мислам дека таргетот на кој се концентрирав, односно групите граѓани за кои мислев дека треба да се инспирираат или да им се разјаснат дилемите дали да излезат или не дека успешно го завршив и денов почна како со зима, тоа е политичката зима во Македонија, мислам дека ќе заврши со сонце на крај“, рече Силјановска.
На новинарско прашање таа одговори дека ги очекува албанските гласови оти како што рече, претходно имам зборувано со нив и сфатив дека имаме многу заеднички интереси.
„Новото име сега се користи во нашите институции и јас официјално ќе го почитувам, но нема да го користам и ќе дадам се од себе во иднина да покажам дека процедурите и Договорот од Преспа имаат неколку проблеми со нашите и меѓународните закони. Како правник и како професор по право ќе го користам новото име, но лично не“, изјави Силјановска.
Додаде дека кога ќе зборува за нашата земја, лично, ќе го користи името Македонија.
„Не значи дека ако во Уставот е нешто напишано така дека јас морам тоа да го употребувам. Јас можам лично да го употребувам името Македонија. Морам да потпишувам документи, морам да го почитувам тоа име на згради, или во меѓународни односи, но не морам да го употребувам и не би го употребувала и за тоа не постои уставна или правна одговорност“, изјави Силјановска одговарајќи на новинарско прашање.
Кандидатот за претседател на државата Стево Пендаровски очекува мирен изборен ден и, како што рече, уште поубедлива победа во вториот круг на претседателските избори.
„Денешниот изборен ден во вториот изборен круг почна мирно. Јас искрено се надевам и верувам дека така и ќе заврши. На тој начин ние ќе покажеме дека како држава сме подготвени да организираме фер, демократски и транспарентни избори, како што и прилега на земја која наскоро очекува да ги почне преговорите за членство во Европската Унија.
Што се однесува до изборниот резултат, очекувам уште поубедлива победа во вториот круг, затоа што оние категории на луѓе кои останаа дома во првиот круг или оние кои гласаа за противкандидатот Река, кој ја заврши својата изборна трка во првиот круг, еден дел од нив очекувам дека ќе излезат на биралиштата и ќе гласаат“, изјави Пендаровски за медиумите откaко гласаше на избирачко место во Автокоманда.
Се надева дека најголемиот дел од тие гласачи ќе го препознаат концептот за кој се залагал во изминатиот месец во рамки на изборната кампања и дека ќе сакаат, како што рече, „да го поддржат концептот што значи одење напред за сите граѓани кои живеат во Република Северна Македонија, сите етнички заедници, сосема независно од нивната верска, национална или партиска припадност“.
На новинарско прашање дали е оптимист околу излезноста, Пендаровски рече не гледа причина одѕивот да биде помал од 40 проценти. Одговори дека иако е врнежливо, резултатите за истиот период од денот (10 часот) покажуваат ист процент на излезност како и во првиот круг пред две недели, а очекува помасовно гласање попладне, сообено во урбаните средини и во главниот град.
Како и сите граѓани и јас лично очекувам овој изборен ден да помине во најдобар ред и веќе вечер да знаеме кој ќе биде петтиот претседател на државата, изјави претседателот Ѓорге Иванов откако гласаше во вториот изборен круг на избирачко место во Средното училиште „Јосип Броз Тито“.
Иванов очекува идниот претседател да има многу помирен мандат, да се справи со сите предизвици и да наоѓа решенија со сите институции за добробитта на земјата, на граѓаните и за остварување на стратегиските цели што ги имаме поставено.
„На идниот претседател му посакувам да ги исполни сите ветувања зашто тоа граѓаните го очекуваат и да го сочува достоинството на институцијата Претседател“, напомена Иванов.
МИА/Фото: Фејсбук/Силјановска/Пендаровски/Кабинет на претседателот
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Што изјавија при гласањето Заев, Мицкоски и Ахмети?