еМагазин во серијал ќе Ви ги пренесе биографиите на членовите на новата Влада.
Кој е Оливер Спасовски
Оливер Спасовски, останува министер за внатрешни работи.
Спасовски е роден на 21 октомври 1976 година во Куманово.
Основното и средното училиште ги завршува во родниот град.
Дипломирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде во моментот е магистрант по управно право.
Зборува англиски и француски јазик.
Оженет е и е татко на две деца
Професионална и политичка кариера
Професионална кариера ја започнува во 2000 година како адвокатски приправник.
Во периодот од 2001 до 2005 година работи како советник на градоначалникот на Општина Куманово, а од 2008 до 2011 година ја извршува функцијата секретар на Општина Куманово.
Спасовски во периодот од 2006 до 2008 година, од 2011 до 2014 година и од 2016 до 2017 година е пратеник во Собранието. На последните парламентарни избори во 2020 година повторно ја добива довербата на граѓаните и е избран за пратеник во Собранието.
Во мандатот од 2011 до 2014 година е претседател на Парламентарната група на Собранието за соработка со Парламентот на Украина и член на делегацијата на Собранието во Парламентарниот комитет за стабилизација и асоцијација, Парламентарната група на Собранието за соработка со Парламентот на Кина, парламентарната група на Собранието за соработка со Парламентот на Португалија и Парламентарната група на Собранието за соработка со Парламентот на Словенија.
Во периодот од 11 ноември 2015 година до 18 мај 2016 година и во период од 2 септември 2016 година до 28 декември 2016 година ја извршува функцијата министер за внатрешни работи во преодната Владата, која требаше да обезбеди услови за спроведување фер и демократски избори.
Функцијата министер за внатрешни работи ја извршува и во периодот од 31 мај 2017 година до 3 јануари 2020 година во првата Влада на премиерот Зоран Заев.
На 3 јануари 2020 година е избран за претседател на преодната Влада на Македонија, функција која ја извршуваше до 30 август 2020 година.
Од 30 август 2020 година ја извршува функцијата министер за внатрешни работи.
Спасовски во периодот од 2003 до 2004 година е член на претседателството на Централниот одбор на СДСМ, а од 2005 до 2006 година е организационен секретар на СДСМ.
Од 2013 до 2017 година ја извршува функцијата генерален секретар на СДСМ, а од 2017 до 2021 година е потпретседател на СДСМ.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кој е Адмирим Алити, новиот министер за информатичко општество и администрација
Кој е Беким Сали, наследникот на Венко Филпче
Фото: МВР