До референдумот за името остануваат уште неколку дена, а во меѓувреме секојдневно политичари, јавни личности, но и преставници на црквата јавно ги изнесуваат своите ставови за оваа прашање.
Пред неколку дена Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија соопшти дека смета оти граѓаните на Република Македонија се политички зрели и оти на претстојниот референдум слободно по свое сопствено уверување ќе го остварат своето демократско право на избор.
„Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква-Охридска архиепископија ја изразува својата доверба во политичката зрелост на граѓаните на Република Македонија, кои на престојниот референдум, слободно и по свое сопствено уверување ќе го остварат своето демократско право на избор„, информираа од Синотот.
По соопштувањето на ставот од страна на МПЦ, со сопствен став во јавноста излезе отец Пимен, кој е дел од кампањата „ЗА“ за референдумот.
Тој рече дека ќе гласа „ЗА“, и дека референдумот е историска шанса за државата.
Од друга страна пак митрополитот Повардарски владиката Агатангел на божествена света литургија што се одржа во црквата Св.Кирил и Методиј во Велес отворено повика на бојкот, посочувајќи дека ние не сме против ЕУ и НАТО, но да се бара промена на име е најголемата жртва што може да ја даде еден народ.
„Голготата на македонскиот народ почна со Тиранскиот договор, а изминатиот месец дозволивме многу мисионери да ни го трујат умот.
По 30. септември македонскиот народ ќе добие камшици по своите грбови. Ќе немаме македонска армија, македонска академија на науки, а внуците ќе се срамат од своите дедовци, бидејќи од Македонци, дозволиле да се прекрстиме во Северномакедонци“, рече владиката Агатангел.
ИВЗ ПОВИКА ДА СЕ ГЛАСА „ЗА“ НА РЕФЕРЕНДУМОТ
Ријасетот на Исламската Заедница на Македонија пред неколку дена апелираше до сите припадници на Исламот, на 30. септември, масовно да излезат на референдум и да кажат „ДА“ за интегрирањето на Македонија во НАТО и во ЕУ.
„Референдумот кој што на 30. септември, граѓаните на Македонија ќе ги постави пред прашањето- дали се за ужасното распаѓање или за среќната перспектива на земјата во евро-атлантските интегративни процеси. По тој повод, Ријасетот на Исламската Заедница донесе одлука која што пред јавноста ќе ја презентирам јас, првиот човек на муслиманите на оваа земја кои што ја сочинуваат половината од севкупниот број на жителите на државата Македонија“, изјави првиот човек на ИВЗ, Реисул Улема.
„За среќа, нашиот став ќе биде спротивен од веќе јавните ставови на некои институции и структури во земјата кои што во најважните моменти во историјата на оваа земја, и понатаму се обидуваат да манипулираат со граѓаните. Но, граѓаните на Македонија имаат свои политички и верски лидери кои што имаат еден идеал и една цел која што е во согласност со стремежите на нашите предци за постигнување на хармонија, среќа и благословен соживот за сите граѓани на Македонија, без оглед на нивната национална и верска припадност. Албанскиот народ како и сите припадници на Исламот во Македонија, скоро стопроцентно се определени за интеграција на Македонија во НАТО и во Европската Заедница, двата механизми кои што гарантираат слобода, мир, правда и абсолутно еднаков просперитет за сите.
На 30. септември имаме сенароден празник, ќе се најдеме во моментот кога треба свечено да одлучиме преку нашите плебисцитарни гласови, велејќи „ДА“ за Договорот од Преспа, кој што ширум ги отвора портите и ни го осветлува патот кон интеграцијата на нашата држава во евроатлантските структури.
30. септември ќе биде денот кога, дефинитивно, зад нас ќе останат сите деструктивности што со декади го одалечувале нашиот граѓанин од неговите напори да си изгради посреќна иднина. Преку гласањето „ЗА“ на референдумот на 30. септември, граѓаните на Македонија ќе се збогуваат конечно од мрачните политички сценариа што секогаш беа на штета на Албанците и на сите муслимани во земјата, а секако и на штета на припадниците на останатите нации и вери“, стои во писмото на првиот човек на ИВЗ, Реисул Улема
Ријасетот ќе ги задолжи сите свои структури, органи,институци како и своите вработени да бидат во постојан контакт со муслиманските верници во земјата, да ја објаснат историјската пресвртница што ќе произлезе од нивното масовно гласање за интегрирање на Македонија во структурите што се гаранција за мирот, заедништвото и перспективата на земјата и општеството во целост, посочија од ИВЗ.
„Ги поканувам сите граѓани на Македонија, посебно припадниците на Исламот, да се освестат максимално, да ја разберат историската важност на овој референдум и на 30. септември, масовно да излезат на гласање, гласајќи „ЗА“ Македонија во НАТО и „ЗА“ отпочнување на пристапните разговори за интеграција во Европската Заедница“, посочи Реисул Улема.