еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Што содржи предлог-резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ, со која бара државен консензус во преговорите со Бугарија

Членот на Извршниот комитет и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски денеска информираше дека партијата во следните денови во Собрание ќе ја предложи предлог-резолуцијата, која што ги дефинира македонските државни позиции за евроинтеграции, но исто така и позиции по однос на било какви негирања на македонскиот јазичен, културен или национален идентитет, бидејќи тоа е спротивно на европските вредности.

„Сметаме дека Собранието како законодавен дом е вистинското место каде што наместо поларизација, политичките сили треба да се обединат и да донесат заедничка резолуција.

Резолуции по националните прашања се носат и во Бугарија, и во Германија, и во Словенија, и во Романија, и во Италија. Тука зошто Македонија би била исклучок, и зошто власта не би била спремна во Собранието да отвориме расправа и да изградиме широк консензус за предлог-резолуцијата за македонските црвени линии, која што доколку се усвои од Собранието на Македонија нема да биде од помош само за македонската дипломатија и општество, туку ќе им помогне и на нашите пријатели во рамките на ЕУ.

Бидејќи оваа предлог-резолуција се заснова на повелбата на Обединетите Нации и на Конвенцијата за човекови права на Советот на Европа од Стразбур.

Затоа сметаме дека владејачката коалиција, опозиционите партии и секој пратеник поединец би било добро да ја разгледа оваа предлог резолуција и ние во следниот период ќе направиме напори за оваа предлог резолуција во Собранието да разговараме со пратениците од Алијанса за Албанците, Алтернатива, од ЛДП, од ДОМ, од Демократски сојуз, од Левица, и од други партии, кои што ценат дека една заедничка политичка предлог-резолуција ќе ги зајакне македонските дипломатски позиции, а исто така ќе упати една праведна и јасна порака и до Бугарија и до нашите пријатели во ЕУ.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека ваквиот пристап би бил сериозен и одговорен, и носењето на една заедничка политичка резолуција за македонските национални позиции за евроинтеграциите врз основа на македонскиот идентитет како европска вредност е корисна работа и граѓаните тоа би го поздравиле“, рече тој.

Што пишува во предлог-резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ

Од партијата бараат национален и општествен консензус за предлог-резолуцијата и посочуваат дека истата не е авторски текст на ВМРО-ДПМНЕ, туку дека во неа се содржани јавните ставови на МАНУ, УКИМ И МПЦ ОА – Јустинијана Прима.

Од СДСМ неодамна посочија дека нема потреба од ваква резолуција, а другите партии се уште јасно се немаат поставено по истата.

Еве што пишува во истата:

„Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, со должно почитување на меѓународното право, без никакво условување од едната или од другата страна и со почитување на достоинството на македонскиот народ.

Да се почитуваат безрезервно сознанијата на македонските општествени, хуманистички и културолошки науки во врска со автохтоноста на македонскиот народ и неговиот историски, јазичен, културен и религиски континуитет.

Да се уважуваат сознанијата, утврдените факти, усвоените теории и емпириските истражувања на современата светска славистика, лингвистика, историографија и меѓународното право, според коишто:

-Македонскиот јазик и неговите дијалектни разновидности имаат свој просторен континуитет и свој временски континуитет.

-Македонскиот идентитет го црпи својот легитимитет од повеќевековните традиции, преданија, обичаи, колективна меморија, менталитет, јазикот, артикулираната свест за етнокултурната посебност, колективниот интегритет, почитта кон традиционалните религиски институции и наративот за припадноста на одреден географски и историски простор.

-Споделените места на меморија на балканските и медитеранските простори подразбираат инклузивен однос, а не ексклузивно присвојување на историјата и традицијата, понатаму подразбираат интелектуална слобода, а не робување на анахроните историски стереотипи и илузии, не културен и историски хегемонизам.

-Процесот за евроинтеграција на нашата држава да продолжи во духот на меѓусебно почитување и уважување на вложените напори од наша страна за исполнување на критериумите.

-Да се применуваат позитивните и општоприфатени меѓународни Конвенции и Декларации на ОН за правото на самоопределување и за човековите права и слободи.

-Да се почитува безусловно слободно изразената волја на македонскиот народ, неговата етничка и духовна посебност“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Обвинение за медицинската сестра од Онкологија која крадела цитостатици, таа е недостапна за органите на прогонот

Редакција

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството вработува 28 лица, плата до 31.323 денари

Редакција

Пронајдено четврто тело на уште еден припадник на групата која изврши напад во северно Косово

Редакција