Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова е во фокусот на јавноста откако беше објавена информацијата дека Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) од декември лани води предистрага за наводна шпионажа во нејзиниот Кабинет.
Предистрагата започнала откако до Обвинителството била доставена анонимна кривична пријава од вработени во Министерството за внатрешни работи (МВР), во која се тврди дека доверливи податоци од компјутерскиот систем во нејзиниот Кабинет биле копирани и енкриптирани, со сомнеж дека можеле да завршат кај странски разузнавачки служби.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Дали некој во Кабинетот на Сиљановска Давкова ја шпионира за странски разузнавачки служби?
Под сомнение се ИТ-администратор во Кабинетот и други функционери од Кабинетот и од Агенцијата за разузнавање, за кои постоеле и сомнежи дека можеби учествувале во прикривање докази.
Од Обвинителството се пожалија дека предистрагата се развлекла оти од МВР сѐ уште не добиле извештај дали наводно украдените податоци се декодирани и дека сè уште не можат да обезбедат копии од снимките од безбедносните камери во претседателскиот и пред претседателскиот Кабинет, иако ги барале и кај претседателката и од владината Служба за општи и заеднички работи, за да се докаже точно кој наводно преснимувал и извлекувал доверливи информации од компјутерскиот систем.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Што велат од МВР за наводното шпионирање во Кабинетот на Сиљановска Давкова
Од МВР пак велат дека анализата во нивниот дел била во завршна фаза и дека во наредниот период целиот доказен материјал ќе бил доставен до ОЈО ГОКК.
Сиљановска Давкова во изјава за државната агенција МИА вели дека квалификацијата “шпионска афера“ и слично, не сака да ги коментира.
-Кога зборуваме за предистражна постапка, јас нема да ги заборавам зборовите на мојот професор Никола Матовски, професор по кривична постапка. Тој велеше дека во предистражна постапка малку се зборува, многу се работи, односно се собираат информации, вели таа, посочувајќи дека никогаш не ги толкува постапките на другите органи.
– Јас почитувам поделба на власта, но не можам да не кажам дека малку сум збунета со одговорите на новинарските прашања или со објавите што доаѓаат токму од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во кои се објаснува нивната комуникација со Министерството за внатрешни работи.
Не, не бегам од изјави. Меѓутоа, мислам дека треба да се почитуваат одредбите од Законот за кривичната постапка и во поглед на пресумцијата на невиност, но, како што реков, и во поглед на собирање податоци и евентуално отворање кривична постапка, вели таа.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Нема шпионска афера во Кабинетот на претседателката, вели Мицкоски
Фото: Кабинет на претседателката














