еМагазин
Image default
Интервју

Шуклева: Енергетскиот сектор сѐ уште е „машки“, но жените добиваат сѐ повлијателни улоги

Претседателката на Надзорниот одбор на МЕПСО, Ева Шуклева е член на Почесниот комитет на годинешната конференција „Жени во енергетиката 2018“, што се одржува втора година по ред.

Конференцијата има за цел да придонесе за родов баланс во електроенергетскиот сектор, како и за подигнување на свесноста за важноста за родовиот баланс во бизнисот и економијата, особено во сектори кои традиционално се перципирале како „машки“.

Конференцијата годинава се одржува на 4 и 5 јуни во хотел „Мериот“.

За тоа како жените во енергетиката, сѐ уште, ги пробиваат генералните бариери, разговараме со Ева Шуклева, мајка, менаџер на висока позиција во ЕВН која успешно ги синхронизира обврските со оние како претседателка на Надзорниот одбор на МЕПСО. Шуклева е еден од ретките примери во македонската економија за жени кои на високи позиции во енергетскиот сектор, а како што и самата раскажува, патот во овој сектор за жените не е однапред послан, туку допрва треба да се трасира.

Вие сте една од жените – мотивација за младите девојки во насока на тоа дека енергетскиот сектор има простор, а и потреба од рамноправно присуство и на жените и на мажите. Како гледате на стереотипите и традиционалните предрасуди дека енергетскиот сектор е само машки сектор?

-Анализата за застапеноста на жените во енергетскиот сектор, им ја препуштам на професионалците ангажирани во истражувањето на родовите разлики и родовата застапеност по работни места. Во времето кога ја започнав кариерата во „Електропренос“, застапеноста на жените беше многу мала и не многу влијателна во секторот. Сега ситуацијата е поразлична. На пример во групата која јас ја раководам имам четири колешки дипломирани инжeнери, стручни и успешни проект менаџери.

Тоа покажува дека бариерата за запишување на техничките факултети и вработување на жени во електроенергетскиот сектор е пробиена. Но, дали овој сектор сѐ уште е “машки”? Сметам, да! Сите имаме цели и амбиција за развој и напредување во нашата кариера. Сепак, секторов кој е еден од поголемите, има само две раководителки во инженерските сектори, и две членки на надзорни одбори. Јас добив шанса за раководно место, но не гледам многу такви примери. Знам за два настани во последната година, каде жената инженер, силна, храбра и искусна, во трката за раководно место, изгуби без да добие издржано објаснување.

Потекнувате од семејство кое традиционално се занимава со електроенергетика. Татко ви беше професор и основач на Лабораторијата за висок напон на ФЕИТ. Зошто и Вие ја одбравте електроенергетиката како сектор во кој се докажувате? 

-Моја љубов отсекогаш беше уметноста. Немав никаков суптилен притисок за насочување во моето образование, но ни поддршка да се насочам кон уметноста. Моето семејство во тоа гледаше само неуредна соба и младешка занесеност, за разлика од математиката и физиката кои сериозно се негуваа во нашиот дом.

Списанието „Нумерус“ и збирки задачи беа дневна разонода. Тоа што за некого претставуваше главоболка, за мене претставуваше леснотија. По многу часови поминати со математика, физика и информатика, завршување средно  образование во насоченото математичко-информатичко училиште „Раде Јовчевски Корчагин“ во Скопје и изборот на Електротехничкиот факултет беше сосема природен и спонтан.

Тоа што, пак, енергетиката беше постојана тема во нашиот дом, па и на нашите одмори со пријателите, го стори своето, изборот да биде електроенергетика, наместо модерна и перспективна информатика. Ја потврдив, уште еднаш, изреката со крушката… При определувањето немав некакво сознание за работата во електроенергетскиот сектор.

До тој момент, за мене електроенергетиката беше Електротехничкиот факултет, Лабораторијата за висок напон и амфитеатарот, каде за Нова година Дедо Мраз нѝ даваше пакетчиња. Да не се лажеме дека си играв со струјни кола како мала, или дека се воодушевив од РЕК „Битола“ кога нѐ однесоа на стручна екскурзија. Едноставно, мојата приказна не е многу поразлична од другите. Емоциите, семејството и секојдневното опкружување Ви го формираат  текот на животот и кариерата. Кога имате авторитетен татко во семејството, кој претставува ваш пример, сакате да му покажете дека ќе станете достоен наследник.

Така започна и приказната со мојот долгогодишен волонтерски ангажман во инжинерското здружение МАКО СИГРЕ, кое го основаше мојот татко. Се почна со желбата да му помогнам, и стигнав до потпретседател на здружението. Од факултетските денови голем белег во моето оформување и амбицирање стави, тогашната асистентка, а сега мојата драга пријателка, проф. д-р Весна Борозан, која според моето скромно искуство е една од најуспешните жени во енергетиката на Балканот.

Со години ја гледав нејзината борба во машкиот свет на енергетиката и ме инспирираше. Ги гледав жртвите кои ги правеше, кои во тоа време ми изгледаа дека ги менаџира со леснотија. Кога се охрабрив јас да исчекорам во тој правец, видов дека патот не е послан, туку треба да се трасира. И сега, во тешки моменти, таа ми е најголемата потпора. Лесно е, кога некој веќе изодел, да Ви предочи каде треба да застанете, а каде да забрзате.

Дали и Вие додека се градевте професионално, можеби, некогаш сте се нашле во ситуација опкружувањето да го доживеете како ограничување?

– Важно е како Вие самите се доживувате. Звучи како фраза, но така е! Работев многу вредно и посветено, верував во себе дека ќе успеам и донекаде успеав.  Купував бурек и цигари кога бев млад инженер и седев на ќошето од масата со постарите, искусни колеги. Сепак седев на масата и можев да слушам и научам за минатите искушенија и искуства, но и за идните планови.

И, таа мотивирност резултираше со успех. Од сите генерациски блиски колеги, мене ме избраа да бидам покрај најискусниот инженер во тоа време во Македонија, Благој Јанков и многу да научам. Ја водевме изградбата на една од најголемите инвестиции во тоа време во ЕСМ, 400 kV трансформаторска станица „Скопје 5“. На изборот не влијаеше тоа што сум женско, туку се оцени дека јас имам потенцијал и квалитет и дека можам да одговорам на задачите.

Го искористив моментот на дадената доверба. Потоа, сѐ беше полесно. Станувате препознатливи во струката и делата  говорат за Вас. Ако ме прашувате дали гледано од денешна перспектива требаше да вложам многу повеќе труд од моите машки колеги за да бидам третирана рамноправно… кога ќе размислам, одговорот е можеби ДА. Но тој труд со текот на годините е само сопствена придобивка.

Имаше и тешки моменти, доживеани разочарувња, особено болни од авторитети во струката, но тоа никогаш не го припишував на фактот дека сум жена во енергетиката. Животот, како и кариерата, Ви ја оформуваат неколку влијателни личности, а во мојата кариера тоа позитивно влијание се должи најмногу на мажи. Како што мојот татко беше водилка при моето образование, моите први десет години од работното искуство ги одбележа мојот прв директор, Александар Шеќерински.

Без никаква резерва тој ми го додели и вториот најголем проект, изградбата на ТС 400/110 kV „Штип“. Неговата безрезервна поддршка продолжи и понатаму и по моето префрлање во ЕВН Македонија.

Кариерата ја почнавте во поранешното Електростопанство на Македонија, за потоа да продолжите на висока функција во ЕВН Македонија. Сега сте претседател на Надзорниот одбор на МЕПСО, односно на највисоката позиција во компанијата. Како успеавте да ги избалансирате кариерата и приватниот живот?

-Работата во ЕВН бара голем ангажман и посветеност. Станува збор за група за инвестици и реконструкции во 110 и 35 kV мрежа на ЕВН. Со менаџментот постигнавме договор, ангажманот во Надзорниот одбор на АД МЕПСО, да биде во работно време, што претставува олеснителна околност. Обемната и одговорна работа како претседател на Надзорниот одбор бара и откажување од слободното време, но оваа работа ми претставува уживање, поради различноста  од професионалниот ангажман.

Како успевам да ги избалансирам кариерата и приватниот живот? Имам голема поддршка и разбирање од моето семејство. Сопругот работи во сопствена приватна компанија, која бара негов целосен ангажман, многу патувања и отсуства и преку викендите. Најголемата поддршка која ја добивам од него е безрезервното разбирање и договарање за важните прашања.

Тој е секогаш покрај мене и заедно донесуваме одлуки за чекорите во мојата кариера, гледано од аспект на влијанието на семејниот живот, позитивните и негативните аспекти. Без неговото рабирање немаше да бидам таму каде што сум. Отсуства, патувања, службени дружби, машко опкружување, за него претставуваше само дел од мојата работа. Стрпливо слушајќи ме и советувајќи ме од аспект на независен набљудувач, тој денеска повеќе ја познава мрежата и состојбите во електроенергетиката од многу инженери.

Од раѓањето на мојата ќерка пред 14 години, во мојот и нејзиниот живот влезе една прекрасна жена, која е мојата десна и лева рака во домаќинството. Нејзиниот ангажман ми овозможува голем дел од своето слободно време да го посветувам на својата ќерка, разнесувајќи ја и чекајќи ја по безбројните активности. Ми претставува најголемо уживање, во животот со брзо темпо, да ја следам мојата Софија на различни настани на кои учествува, концерти, балетски претстави, настапи на бендот во кој свири…

Тоа е најквалитетното поминато време во денот. Викендите најчесто ги поминувам со семејството во Маврово, кога и успеваме да бидеме заедно. Социјалниот живот е задоволителен, како и на секое семејство со иста динамика.

Како заклучок, можам да кажам дека успехот зависи од заложбите на индивидуата, успешно изведените слаломи во животот, сложувањето на коцките во мозаикот, а за местото на жената во енергетиката, секако, треба да помине уште некое време за целосно да се пробие генералната бариера.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Трајановски: Словенија предизвикува чувство на привилегираност и задоволство

Редакција

Блажун Вошнер: „Имаме македонски лекари со успешна кариера во Словенија, но отворени сме за нови”

Редакција

Прескер: Македонците се добредојдени во Словенија, децениската соработка е доказ за тоа

Редакција