Активирање на парламентарната група за пријателство меѓу Северна Македонија и Грција и одржување тематски состаноци во областите од најголем интерес за двете соседни земји, бараат пратеници од СИРИЗА во писмото до претседателот на конкретната група, пратеникот од Нова демократија, Јоргос Влахос и до претседателот на грчкиот Парламент, Костантинос Тасулас, јави дописничката на МИА од Атина.
Дописот е од потпретседателот на групата за пријателство Северна Македонија- Грција, пратеникот од СИРИЗА, Никос Папас и од поранешниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, кој воедно е и надлежен за надворешна политика во опозициската партија, а го потпишуваат вкупно 17 пратеници од СИРИЗА, членови на групата за пријателство меѓу двете земји.
– Со цел дополнително зајакнување на суштинската соработка меѓу двете земји, Ве молиме да преземете иницијативи за јакнење како на дипломатските, така и на парламентарните односи меѓу Грција и Северна Македонија и бараме итно „активирање“ на групата за пријателство и одржување на тематски состаноци во областите од најголем интерес за двете соседни земји, пишуваат пратеници од СИРИЗА во дописот и додаваат дека тие ќе поддржат секаква иницијатива.
Групата за пријателство е формирана во март минатата година, но досега не е одржан ниту еден состанок, иако, како што пишуваат пратениците од СИРИЗА, по Договорот од Преспа „се отвори ново поглавје во дипломатијата, надворешната политика и економската соработка меѓу двете земји“.
-Оваа нова реалност веќе ја прифаќа и Владата на Нова демократија, која изјавува дека го гарантира и почитува Договорот од Преспа, тврди дека тој мора да се почитува во целост и самата Влада ги признава огромните и повеќекратни придобивки што произлегуваат за нашата земја од спроведувањето на овој историски договор, пишуваат во дописот пратениците од СИРИЗА, пренесе МИА.
Групата за пријателство Северна Македонија – Грција во грчкиот Парламент брои 23 членови, од кои еден претседател, еден потпретседател и секретар.
Претседател е пратеникот од Нова демократија, Јоргос Влахос, негов потпретседател е Никос Папас од СИРИЗА, а секретар пратеникот од Комунистичката партија, Јоанис Делис.
Останатите 20 членови се 15 пратеници од СИРИЗА и пет од Нова демократија.
МИА/Фото: Влада