еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Сите детали од законот за отпис на камати и репрограмирање долгови: Кој ќе „куртули“ од извршителите?

Во Собранието пристигна предлог-законот за отпис на камати и репрограмирање долгови и трошоци на физички лица, по скратена постапка во кој се вели дека проблемот со извршните предмети.

„Со ова законско решение се очекува надминување на проблемот на граѓаните со старите судски извршни предмети генерирани заради лошиот трансфер во 2011 година од судовите на извршителите и нотарите, како и со предметите дадени за извршување за наплата на долгови заклучно со 31.12.2017 година кои заради високите камати во долготрајните постапки во голема мера оптоварија огромен број на граѓани на РСМ.

Се предвидува задолжителен отпис на каматите од страна на доверителите во државна или јавна сопственост, а доброволен отпис од страна на доверителите во приватна сопственост“, пишува во предлог-законот.

Во него, се предвидува обврска за репрограмирање на долговите на граѓаните ослободени од каматите и можност за нивно одложено отплаќање на рати, со цел полесно да се справат со своите долгови.

Една од најважните одредби од законот е што извршителите мора веднаш да ги прекинат сите започнати постапки по овој основ.

Со оглед на огромниот интерес во јавноста предлог-законот ви го пренесуваме во целост:

Член 1

Со овој закон се уредуваат условите, начинот и постапката за отпишување на пресметани камати, како и за репрограмирање на главниот долг и трошоците кои произлегуваат од  старите извршни судски предмети трансферирани/пренесени кај нотарите и извршителите согласно Законот за извршување ( „Службен весник на Република Македонија“ број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/10, 83/10, 88/10, 171/10, 148/11 и 187/13.) заклучно со 31 декември 2011 година, како и предметите кои се дадени за извршување за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности и сродни дејности пред извршителите заклучно со 31.12.2017 година.

Член 2

Целта на овој закон е спроведување на еднократна помош за решавање на проблемот со извршните предмети.

Член 3

Определени поими употребени во овој закон го имаат следното значење:

1) Стари судски извршни предмети се судски предмети со решенија за издавање на  дозвола за извршување, издадени од страна на надлежните судови согласно  важечките прописи за извршна постапка, а кои беа трансферирани/пренесени кај  нотарите и извршителите согласно Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/10, 83/10, 88/10, 171/10, 148/11 и 187/13) заклучно со 31 декември 2011 година.

2) Предметите кои се дадени за извршување за наплата на долгови пред извршителите се предметите дадени за извршување од страна на доверителите заклучно со 31.12.2017 година;

3) Должник во смисла на овој закон се смета физичко лице, државјанин на РСМ, кое се јавува како должник во старите судски извршни предмети, или во предметите предадени кај извршителите за присилно извршување од страна на доверителите,

4) Доверител во државна или јавна сопственост во смисла на овој закон се државните органи, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, органите на општините, на градот Скопје и општините во градот Скопје, како и јавните претпријатија во државна или јавна сопственост, кои се утврдени како доверители во предметите опфатени со точките 1) и 2) на овој член;

5) Доверител во приватна сопственост е доверител кој не е доверител во државна или јавна сопственост, а е утврден како доверител во предметите опфатени со точките 1) и 2) на овој член.

Член 4

Ако должникот од член 3 точка 3) на овој закон измирил дел од достасаната камата, долг или трошоци, нема право да бара поврат на исплатениот износ.

Член 5

(1) Доверителите кои се во државна или јавна сопственост, по сила на овој закон, се должни да направат целосeн отпис на каматите и репрограмирање на главниот долг и трошоците во рок од три месеци од денот на стапување во сила на овој закон.

(2) Доверителите од став (1) на овој член ги известуваат извршителите за прецизираното барање за извршување во рок од 30 дена од отписот на каматите.

Член 6

(1) Доверителите во приватна сопственост, отписот на каматите, како и репрограмирањето на главниот долг и трошоците, го вршат на доброволна основа, согласно одлука на органот на управување која задолжително мора да ја донесат во рок 90 дена од денот на стапување во сила на овој закон, без оглед дали ја прифаќаат или не ја прифаќаат примената на одредбите од овој закон.

(2) Доверителите од став (1) на овој член се должни за нивната одлука да го известат Министерството за финансии кое ја информира јавноста со објава на нивната вебстраница и средствата за јавно информирање.

(3) Доверителите во приватна сопственост ги известуваат извршителите за прецизираното барање за извршување во рок од 30 дена од денот на донесување на одлуката од став (1) на овој член.

Член 7

(1) Доверителите во државна или јавна сопственост, како и доверителите во приватна сопственост кои донеле одлука за примена на овој закон, вршат репрограмирање на главниот долг и трошоците во постапките пред судот, нотарот и извршителот во месечни рати, во зависност од висината на доспеаниот долг и трошоците и тоа на следниот начин:

ВИСИНА НА ДОЛГ И ТРОШОЦИ РОК НА ОТПЛАТА
До 10.000,00 денари 6 месеци
Од 10.0001,00 до 60.000,00 денари 12 месеци
Од 60.0001,00 до 120.000,00 денари 24 месеци
Од 120.0001,00 до 240.000,00 денари 36 месеци
Над 240.000,00 денари 48 месеци

(2) За досепани и неплатени рати на репрограмираниот долг и трошоци, се пресметува законска казнена камата.

Член 8

(1) Носителите на платен промет доброволно одлучуваат за намалување, односно откажување од трошоците за деблокирање на сметките на должниците чии долгови се отпишани согласно одредбите на овој Закон.

(2) Доверителите од став 1 на овој член се должни за нивната одлука да ги известат Народната банка на Република Северна Македонија и Министерството за финансии кое ја информира јавноста со објава на нивната веб-страница и средствата за јавно информирање.

Член 9

При спроведување на извршувањето на предметите од член 1 на овој закон ќе се води сметка за видот на долгот и нема да се врши наплата на каматата и трошоците отпишани согласно овој закон.

Прекршочни одредби

Член 10

(1) Глоба во износ од 2.500 евра ќе му се изрече на правното лице кое нема да ја донесе одлуката од член 6 на овој закон во предвидениот рок, ниту ја направило јавно достапна согласно одредбите од овој закон.

(2) Глоба од 500 евра ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице кое постапило односно не ја донело одлуката од член 6 на овој закон во предвидениот рок, ниту ја направило јавно достапна согласно одребите на овој закон.

(3) За пропишаните прекршоци прекршочна постапка води и прекршочни санкции изрекува надлежен суд.

ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 11

Со денот на стапување во сила на овој закон, извршителите прекинуваат со присилно извршување по барањата за извршување на доверителите кои се во државна или јавна сопственост во предметите дефинирани со член 3 точки 1 и 2 од овој закон, до известувањето на доверителите од членот 5 став (2) на овој закон.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Галерија) Србија покажа какво оружје има

Редакција

Алкалоид донираше течен „Омепразол“ со кој ќе помогне во лекувањето на околу 200 деца

Редакција

Пет компании од Македонската берза со најголема загуба

Редакција