еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Сите детали: Се укинува обврската отворените инвестициски фондови да се основаат со капитал од 300.000 евра

Министерството за финансии до Собранието го достави предлог законот за изменување на Законот за инвестициски фондови со коишто се олеснува отварањето и работењето на инвестициските фондови во Македонија.

„Согласно постојната законска регулатива друштвата за управување со инвестициските фондови имаат обврска да прибираат и одржуваат капитал во висина од 300.000 евра.

Исто така, друштвата за управување со инвестициските фондови имаат обврска да подготвуваат и доставуваат до Комисијата за хартии од вредност и полугодишни ревидирани финансиски извештаи, како и да го доставуваат нивниот рекламен материјал на одобрување до Комисијата, што дополнително го поскапува нивното работење.

Поради тоа, со цел олеснување на условите за работа на инвестициските фондови и намалување на трошоците од работењето за друштвата за управување, со предлог законот се брише обврската отворениот инвестициски фонд да прибере парични средства од најмалку 300.000 евра за да може да се основа и обврската да ја одржува нивната висина“, се вели во предлог законот.

Исто така, се брише и обврската на друштвата за управување со инвестициски фондови да доставуваат до Комисијата ревидирани полугодишни извештаи за друштвото и за инвестициските фондови со кои тоа управува, обврските за објавување на проспекти во два дневни весника, обврските за одобрување на рекламните материјали од страна на Комисијата, како и ограничувањето едно домашно и странско физичко и/или правно лице и со него поврзани лица да може да имаат квалификувано учество само во едно друштво за управување.

„До сега потенцијалниот инвеститор станува сопственик на удели во фондот со приложување на доказ во друштвото дека уплатил парични средства на сметка во банка потребни за купување на удели.

Со цел да се заштитат неговите права како инвеститор праксата покажала дека е добро помеѓу друштвото и инвеститорот да се склучи договор со цел во иднина инвеститорот да има основ да се жали доколку се повредени неговите права.

Поради тоа, се воведува обврска друштвото за управување и потенцијалниот купувач на удели во фондот со кој управува друштвото да склучат договор за  вложување, пред инвеститорот да пристапи кон купување на удели“, пишува во предлог-законот.

Во него се додава дека дел од одредбите од постоечката регулатива предизвикуваат значајни проблеми во праксата, како што е несоодветното одвојување на средствата на друштвата за управување од средствата на инвестициските фондови со кои управуваат, што доведуваат до ситуација средствата на инвестициските фондови да бидат блокирани за трошоци кои не се предвидени со закон и со проспектот на отворениот и приватниот инвестициски фонд.

„Со цел надминување на ваквиот проблем, се воведува обврска средствата на инвестициските фондови да се водат на посебна сметка, која друштвото за управување ќе ја отвoра во свое име, а за сметка на секој поединечен фонд.

Проблем постои во постоечкиот закон и заради фактот што не е доволно уреден начинот на управување со ризиците при работењето на друштвото за управување и при менаџирањето на средствата на инвестициските фондови од страна на друштвото за управување, со што се остава можност да се загрозат интересите на вложувачите во инвестициските фондови.

Поради тоа, со измената се воспоставува сеопфатен и ефикасен систем за управување со ризици за друштвото за управување и за инвестициските фондови со кои управува, соодветен на природата, видот и обемот на работењето на друштвото за управување, врз основа на пропишани и документирани стратегии и политика, со цел полесно и поефикасно управување со ризиците од една страна и заштита на интересите на вложувачите“ се вели во предлог законот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бројот на цивили од Авганистан кои привремено ќе ги прифати Македонија порасна на 386

Редакција

Малолетник и 21-годишник го убиле 14-годишното момче во Прилеп

Редакција

УЈП го продолжи рокот за даночните пријави до 29 јануари

Редакција