еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Сите трговци во туристичките места ќе можат да работат во недела и на празници, работниците ќе добијат 100% поголема дневница, најави Бектеши

Министерството за економија веќе предложи до Собранието измени и дополнувања на Законот за трговија со кои се овозможува работа во недела и празници на сите трговци на мало и на големо во туристичките места, утврдени со Законот за туристичка дејност, изјави министерот за економија Крешник Бектеши при денешната посета на охридско-струшкиот регион.

Бектеши, при обиколката на Охридската чаршија каде оствари средба со стопанствениците, истакна деке законските измени се веќе во собраниска процедура и во зависност од работата на Собранието очекува најмногу за две недел овие законски измени да бидат изгласани и да стапат на сила со почетокот на туристичката сезона.

„Измените на Законот за трговија во делот на „Недела неработен ден“ се во собраниска процедура, со нив им се дава можност на сите трговци во туристичките места да можат да работат и во недела и празници преку целата година.

Овие измени дополнително ќе ја поттикнат економската активност во земјата, посебно во туристичките места,“ додаде Бектеши.

Тој потенцираше дека измените се донесени со заеднички дијалог во инклузивен процес со сите засегнати страни, а работниците во трговските објекти кои ќе работат во недела ќе добијат дневница поголема за 100 проценти, а останатите во дејностите кои се определени согласно Законот за работни односи ќе добијат дневници поголеми за 50%.

„Имајќи ги во предвид податоците кои што ги имаме од Државниот завод за статистика за раст на бројот на туристи во првиот квартал, а и очекувањата за бројот на туристи согласно веќе направени резервации за странски туристи кои ќе ја посетат Македонија оваа летна сезона, посебно Охрид и Струга овие законски измени очекуваме да ќе придонесат за уште поуспешна сезона.Министерството за економија и Владата ќе продолжат со креирање на мерки за поттикнување на домашниот туризам со цел за зголемување на бројот на домашни и странски туристи во земјата,“ потенцираше Бектеши.

Како дел од мерките кои што и оваа година ќе се реализираат за поддршка на домашниот туризам како што истакна министерот е и мерката за ваучери за одмор во домашните туристички капацитети на работници со ниски хриходи.

„Со Ребалансот на буџетот се предвидени 15 милиони денари за да продолжиме со мерката за ваучери за туризам за работници со ниски приходи, согласно предвидените средства проекциите се дека ќе се обезбедат ваучери за 1.500 до 2.000 семејства“, кажа Бектеши.

Фото: Министерство за економија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Мажите во Македонија имаат околу 28% поголем ризик од жените да починат од Ковид-19

Редакција

Макотекс со добивка во првото полугодие

Редакција

Почина еден пациент од Ковид-19

Редакција