еМагазин
Image default
Локално ТОП СТОРИИ

Скопје трет ден блокирано од приватните автобуски превозници

Приватните автобуски превозници веќе трет ден по ред продолжуваат со протестите преку блокади на неколку од главните сообраќајни точки во главниот град.

Според досегашните изјави од нивна страна, тие нема да ги отстранат автобусите се додека не се исполнат поставените барања за исплата на долгот што го побаруваат од Град Скопје.

Градските власти, од друга страна, најавуваат дека денеска ќе има нов јавен повик за приватните автобуски превозници на линиите со број 20 и 22.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Град Скопје утре ќе објави нов јавен повик за приватни превозници, „Слобода превоз“ и Макекспрес“ нема да можат да аплицираат

Град Скопје и градоначалничката Данела Арсовска за време на овие два дена не излегоа со став во однос на протестите и барањата на приватните автобуски превозници.

– Нема никаква реакција од Градот Скопје, никој ништо не кажува од нивна страна, засега блокадите ќе останат, изјави за МИА, директорот на приватниот автобуски превозник „Слобода превоз“, Ленин Јовановски.

Тој рече дека чекале известување од Градот за да видат што ќе прават, но нема никаков пристап или понуда за договор, и, како што нагласи, засега блокадите остануваат.

Од друга страна, од Град Скопје вчера соопштија дека денеска ќе биде објавен нов јавен повик за приватните автобуски превозниците на линиите со број 20 и 22.

– Ги повикуваме сите приватни превозници да аплицираат на објавениот јавен повик, индивидуално или преку претставник на група на приватни превозници, се вели во соопштението на Градот.

Единствена разлика, како што велат од Град Скопје, е во тоа што ниту „Слобода Превоз“ ниту „Макекспрес“ нема да можат да конкурираат една година од денот на раскинување на договорот поради прекршување на одредбите од договорот од нивна страна.

Граѓаните во меѓувреме, и денеска ќе бидат принудени да најдат алтернативи во сообраќајот поради застојот на сообраќајот кој прозилегува како резултат на блокадите на приватните автобуски превозници.

Јовановски претходниот ден, побара и од останатите институции да се вклучат во наоѓање решение за овој проблем и најави дека е можно одредено проширување на протестите.

– Не може граѓаните да не критикуваат нас, треба да го критикуваат изворот на овој проблем, а тоа е кај градоначалничката која дозволи ова да се случи. Не смеат граѓаните да дозволат да имаат ваков градоначалник кој не се грижи за нивниот интерес, рече Јовановски.

Во понеделникот, директорот на „Слобода превоз“ исто така изјави дека е стигнато известување за раскинување на договорот од страна на Град Скопје и со нив, откако претходниот месец беше раскинат договорот со „Макекспрес“ со образложение дека не се исполнуваат условите според договорот.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Граѓанин за долг од 6.000 евра, за девет години исплатил камата од повеќе од 12.000 евра

Редакција

Изгласан импичмент на Трамп: Прв американски претседател отповикан двапати во еден мандат

Редакција

До вторник променливо, облачно, врнежливо и посвежо време

Редакција