еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Скопје заостанува две децении од современа, чиста, функционална метропола, велат од О2 Иницијатива

Од буџетот на Град Скопје за 2023 година за заштита на животната средина ќе бидат наменети 6,4 милиони евра.

-Доколку ги земеме предвид сите предизвици со кои се соочува Скопје со загадувањето и заштитата на животната средина и природата, планираните средства за овие области, за 2023 година не се доволни, велат од О2 Иницијатива.

Според анализата која О2 Иницијатива ја направи на буџетите од 2014 до последниов предлог за 2023 година по однос на функцијата заштита на животна средина, најголем реализиран буџет за заштита на животна средина имало во 2020 – 9,67 милиони евра, потоа во 2021 – 8,96 милиони евра, па во 2019 – 8,44 милиони евра, во време кога градоначалник беше Петре Шилегов.

Најмали буџети се во 2014 – 2,77 милиони евра и 2015 – 2,77 милиони евра, кога градончалник бил Коце Трајановски, и последниот реализиран буџет за 2022, до 30.09.2022 – 2,45 милиони евра, со Данела Арсовска како градоначалничка.

Од О2 Иницијатива велат дека ќе ја следат финалната реализација за 2022 година, за која планираниот буџет беше 5,58 милиони евра.

Во буџетот за заштита на животна средина влегуваат: одржување и користење на паркови и зеленило и капитални трошоци за нив, посебно заштита на животната средина и природа со капитални расходи, изградба на системи за одведување и пречистување на отпадни води и јавна чистота со капитални трошоци.

– Нашата анализа јасно покажува дека најмногу средства се вложени во паркови и зеленило, капитални трошоци. Во периодот од 2014-2017 на второ место е одведување и пречистувањето на отпадни води, во 2019 и до 30 септември 2022, тоа е јавната чистота, а во 2018, 2020, 2021 и планираниот за 2023, тоа е посебно заштитата на животната средина и природа.

Анализата покажува многу формални испитувања, анализи, програми и елаборати, но многу мала реализација на терен, посочуваат од О2 Иницијатива.

Оттаму велат дека се градат фекални канализации, но пречистителна станица за Скопје сè уште нема, не е јасно во која фаза од процесот е заглавена.

– Нема ниту една педа помрднување кон интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Скопскиот регион. На ниво сме на поставување контејнери и собирање на ѓубрето, во постојана борба со дивите депонии, тоа е дострелот.

Селекција, рециклирање се речиси непостоечки. Дрисла е само една голема старомодна депонија од минатиот век, која не е ни приближно она што треба да биде во денешно време во кое сите одговорни градови се стремат кон нула отпад, потенцираат од Иницијативата.

Оттаму додаваат дека се утврдува загаденоста со тешки метали во зеленчукот и овошјето, но не се прочистува загадената почва, како и дека се утврдува загаденоста на реките и на подземните води, но не се прочистуваат и не се решаваат нелегалните испусти во нив. Изворите на вода не се соодветно заштитени.

– Заштитените подрачја (Водно, парк на природата Гази Баба, Езерце, Острово…) се главно заштитени на хартија, а во реалност оставени на (не)одговорност на граѓаните и институциите.

Аерозагадувањето е хронично високо, но нема системски пристап и сериозен план за негово конечно решавање во догледно време.

Еколошки јавен превоз и безбедна мрежа на велопатеки се уште далеку од дофат. Постојано има интензивни градежни активности, без нормален сооднос на парковско зеленило во урбаните блокови.

Далеку сме од препорачаните 25м2 зеленило по жител. Енергетската ефикаснот на објектите и обновливите извори на енергија се во почетна фази, потенцираат од О2 Иницијатива.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кој е Марко Колев, новиот градоначалник на Велес

Редакција

Најмалку 45 фамилии во Газа останаа без ниту еден член по нападите на Израел

Редакција

Од Ковид-19 починале 18 лица, дополнително пријавени уште четворица

Редакција