„АстраЗенека“ е најнекомерцијалната вакцина, со најмалку кампањи, со најмалку интерес и со најниска цена, изјави директорот на Институтот за имунобиологија и хумана генетика, Александар Петличковски за емисијата „Агенда 35“ на МТВ.
Тој вели дека во тек на испитувањето на безбедноста се поминати сите предвидени протоколи за тоа прво дали вакцината е безбедна, а потоа дали е ефикасна.
„Анализите се прават на тој начин што се земаат 40.000 луѓе кои примаат и 40.000 кои не примаат вакцина и се следат несаканите ефекти, пожалбите и поплаките на испитаниците. Во ова клиничко испитување на „Астра Зенека“, апсолутно не се пријавени почесто несакани ефекти во групата луѓе што ја примаат вакцината, споредено со луѓе што не ја примаат вакцината.
Кога ќе почне да се користи вакцината на милиони луѓе, нормално е некој од тие луѓе да имаат некаков проблем, што не мора да биде директно поврзан со давањето на вакцината. Апсолутно нема можност во моментот да се процени дали смртта настанала како последица на примањето на вакцината.
Велика Британија најмногу предничи со користење на „АстраЗенека“, 20 милиони луѓе ја примиле вакцината „АстраЗенека“. И во таа група се гледа дека, 30 навистина имале проблем со коагулација на крвта.
Во општа популација да земеме да ги изброиме луѓето, се јавува од прилика 1 на 100, или 1 на 500 луѓе. Значи тоа е честа појава.
Во оваа група 20 милиони вакцинирани Британци со „АстраЗенека“, појавата на тромбоза е поретка отколку во општата популација. Популациски нема ризик споредено, дали човек ќе ја прими вакцината или нема да ја прими, нема поголем ризик за развој на тромбоза.
Преведено во наши околности, ако еден милион во Македонија се вакцинираат со „АстраЗенека“, се очекува еден, двајца или тројца да имаат некаков проблем.
„АстраЗенека“ и сите одобрени вакцини штитат од тешка болест и смртен исход стопроцентно.
Значи од Ковид-19, глобално умираат тројца на 100, 30 на 1.000, 300 на 10.000, 3.000 на 100.000, 30.000 на еден милион. Што значи, превенираме 30.000 смртни случаи на еден милион, наспроти една тромботична случка на еден милион,“ вели Петличковски.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Пановски: Од „Фајзер“ има 1,5 смртен случај на 100.000, а од „АстраЗенека“ еден случај на 100.000
Фото: МЗ