Оваа среда (20.11.2019) во организација на European Business Association, Град Скопје и Piksel, а поддржана од EOS Матрикс и Тиквеш, се одржа конференцијата Европски ден на претприемачот – “Digital for Entrepreneurship“. Настан кој беше дел од European SME Week, иницијатива која во Македонија се организира 11-та година по ред.
Конференцијата на присутните им понуди повеќе интересни теми на разговор преточени во воведно излагање и три стручни панели со претставници од повеќе дејности.
Во воведното излагање преку информативна дискусија настанот го отворија Катерина Бошевска, претседател на ЕБА, која зборуваше за предизвиците на компаниите кои ги носи дигитализацијата, Јован Деспотовски, директор на Фонд за иновации и технолошки развој, кој се надоврза за поддршката која ФИТР ја дава на претприемачите во овој процес, и Марко Тодоров, раководител на сектор за локален економски развој на Град Скопје, кој ги најави следните чекори кои ќе го направат Скопје паметен град и ќе го приближат чекор поблиску до модерните европски и светски метрополи.
По воведното излагање следуваат трите експертски панели кои со свои презентации ги отворија Владимир Ристевски од дигитална агенција Piksel, Сергеј Зафировски oд Insider ID заедно со Огнен Огненовски од Таргет Груп и Игор Маџов од Стартап Македонија. Презентерите беа и во улога на модератори на трите панели насловени – „Како до брз раст со помош на дигитален маркетинг?“, „Електронска трговија: иднината на македонските фирми за излез во светот“ и „Оствари го твојот сон: како до финансирање на твојата иновативна идеја“.
„Во дигиталниот маркетинг не постои успех преку ноќ. Успехот е резултат на претходна макотрпна работа“, изјави меѓу другото Владимир Ристeвски, ко-основач и маркетинг директор во Piksel.
Тој ја модерираше првата панел дискусија на која Аријана Коскарова од Creative Hub Macedonia, Лира Џокиќ од IDEA Plus Communications, Владимир Вецовски од Р3 Инфомедиа и Драган Јосифовски од Paket.mk – „Твојот онлајн супермаркет“ зборуваа за можностите кои ги нуди дигиталниот маркетинг и како македонските компании го користат за да дојдат до посакуваните клиенти и резултати.
На панелот модериран од Сергеј Зафироски панелистите Марина Антова од DHL Express, Крис Поповски од SIGNORI, Огнен Огненовски од Таргет Груп и Виктор Стојкоски од Асоцијација за е-трговија на Македонија ја пренесоа заедничка порака дека е-трговијата е иднината за која мора да бидеме сите подготвени, а особено преприемачите кои сакаат да останат во чекор со времето и да бидат успешни и во иднина.
Зафировски и Огненовски го презентираа и извештајот од нивното истражување за актуелната состојба на е-трговијата во нашата земја. Истражување во кое бројките се прилично оптимистични и според кое следната година се очекува пораст од 15% на бројот на e-commerce компании во Македонија.
„Е-трговијата е во пораст секоја година и затоа сите заеднички мораме да работиме како на едукацијата на крајните корисници, така и на зголемување на понудата, затоа што веруваме дека иднината за развој на бизнисите е токму во оваа гранка“, изјави Виктор Стојкоски од Асоцијација за е-трговија на Македонија.
Конференцијата со својата презентација и потоа панелот на кој тој беше модератор ја затвори Игор Маџов, кој заедно со Владимир Кечовски од Шпаркасе банка, Ненад Чубриновски од InPlayer, како претставник на МАСИТ и Тања Илијевска од Фонд за иновации и технолошки развој зборуваа за можностите за финансирање на иновативните македонски стартапи.
Панелистите, покрај се’ поголемиот број на опции кои на новите стартапи им се нудат во нашата земја, ги истакнаа и можностите за финансирање на добрата идеја преку големиот избор на интернационални опции, ставајќи акцент на проактивноста на ова поле како клучен елемент за успехот на секој стартап.
Настанот со своите теми привлече над 200 гости од различни сектори.