еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Собранието ги усвои измените на Законот за субвенциониран студентски оброк

Собранието денеска во рамки на продолжението на 91. седница со 58 гласа „за“ и со 21 „воздржан“, го донесе Законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк, што се носеше по скратена постапка.

Со измените на Законот за субвенциониран студентски оброк се предвидува до 15 март идната година на секој студент во државата да му се исплаќаат по 120 денари за оброк или 2.400 денари месечно.

За измените пратениците од опозицијата гласаа воздржано и бараа на студентите да им се исплаќаат по 160 денари.

Бојан Стојановски од опозициската ВМРО-ДПМНЕ рече дека со овој закон студентите ќе земат 120 денари до март 2023, оценувајќи дека со разговорите на владините претставници и студентите што ги претставуваа своите колеги, е постигнат договор „да се купат пет или шест месеци“.

Стојановски истакна дека меѓу студентите што преговарале биле студенти „што не излегле од штабовите на СДСМ и на ДУИ“. Според него, Владата требала да одвои 200.000 евра годишно повеќе за тие околу 40.000 студенти да земаат уште 40 денари повеќе.

Стојановски најави дека ќе поднесат амандмани на Буџетот за 2023 година за висината на оброкот, како и за реновирање на студентските домови. Пратениците од опозицијата го бараа и договорот што е постигнат со студентите.

Пратеникот на опозицијата во својот говор го спомена претседателот на државата Стево Пендаровски, изјавувајќи дека висината на неговата плата е 90.000 денари. На ова реагираше претседателот на Собранието Талат Џафери, кој рече дека со нивните плати не смее да се политизира.

Измените на Законот за субвенциониран студентски оброк се преодно решение за продолжување на исплатата на субвенционираниот студентски оброк со истите услови, како и досега со траење до март 2023 година.

Со нив се предвидува сите студенти кои и досега земале студентски оброк и ги исполнуваат условите за тоа со сегашното решение, да продолжат да земаат 120 денари до 15 март 2023 година, а потоа да се изгласа ново решение во договор на работната група, што произлезе од средбата со претставниците на студентските сојузи во Собранието.

Студентите треба да добијат посебни платежни картички кои ќе можат да ги користат само за студентски оброк во одредени локали. Ќе има ретроактивна исплата на субвенција за студентски оброк од 15 септември до сега, а ќе бидат вклучени и новозапишаните студенти.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Твитер му „закачи“ нов алијас на министерот за надворешни работи: Никола Димитров – Никиликс

Редакција

Поради отсуство на судијата Ставрев, „Монструм“ одложен за 6. мај

Редакција

Холандскиот амбасадор му најави вето на Ахмети ако се меша во работата на судството

Редакција