еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Согласно статутот во ДУИ не се дозволени фракции, не дискутиравме за исклучувања, вели Ахмети

По речиси пет часа заврши седницата на Централното претседателство на ДУИ, по која претседателот на партијата Али Ахмети изјави дека фракции според статутот не се дозволени, но рече дека на следниот конгрес ќе поддржи таква идеја.

Овој став следи откако еден час претходно дел од членовите на претседателството кои се познати во јавноста како „огнена група“ рекоа дека ќе функционираат како фракција.

„ДУИ е партија којашто почитува вредности и почитува демократија. Се разбира, го почитува и размислувањето против. Што се однесува до фракционерството, јас таков предлог имав, имам дадено на партиски конгрес, меѓутоа сум изгубил на гласање од мнозинството и јас како демократ почитувам став на мнозинството и не ги напуштам институциите.

Согласно тие одлуки на конгресот и статутот на партијата, во ДУИ не се дозволува функционирање во фракции. Треба да се почека до следниот конгрес, јас ќе бидам тој што ќе поддржам еден таков став за фракционерско делување,“ рече Али Ахмети.

Иако во моментов фракции не се дозволени, лидерот на ДУИ рече дека не се зборувало за исклучување на членови од партијата кои се определиле да дејствуваат фракционерски.

„Секое делување спротивно на статутот е анархија, а анархијата е најголемиот непријател на демократијата. Принципот е дека малцинството го почитува ставот на мнозинството. Инаку ќе биле анархична партија, каде секој прави што сака. Фракционерството не е дозволено согласно статутот, но не дискутиравме за исклучување. Демократијата е да се прифати ставот на мнозинството,“ изјави Али Ахмети.

На седницата имало извештај за работата на партиските функционери во Владата, за кој мнозинството гласало позитивно.

„Имаше извештај за работата на претставниците во Владата, по што следуваше една сосема отворена дебата по однос на работата на Владата, имплементирањето на законот за јазици, инфраструктурните проекти и воопшто случувањата во земјата. Сакав да ги слушнам, начинот на нивното функционирање.

Јас сум посебно заинтересиран владините претставници во коалицијата да имаат добра соработка и тоа се образложуваше на седницата. И се отвори дебата на седницата. По дебатата, извештајот го ставив на усвојување. Од присутните членови на претседателството 26 гласаа за извештајот, шест беа против и тројца воздржани. Тука дебатата беше исцрпена и следниот состанок ќе го свикам зависно од развојот на случувањата,“ истакна пред новинарите претседателот на ДУИ.

Тој информираше дека на седницата образложил пред претседателството за развојот на настаните во земјата и во регионот.

„Со посебен акцент на постигнатиот договор меѓу Косово и Србија, наречен уште и како Охридски договор. Договор којшто е важен и за нас и за целиот регион, бидејќи регионот влегува во една состојба на мир, што е особено важно за сите. Со желба овој договор да се почитува и да се имплементира од двете страни,“ посочи Ахмети.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Членовите на „огнената група“ ќе делуваат како фракција во ДУИ

МИА/Фото: Фејсбук/Ахмети

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Во Албанија „цвета“ бизнисот со бугарски пасоши, Стерјовски ги открива цените

Редакција

Што пишува во биографијата на новиот претседател на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски

Редакција

Словачка и Унгарија најверојатно ќе бидат изземени од санкциите за руската нафта

Редакција