еМагазин
Image default
Македонија

Сослушани двајца сведоци за „ТНТ“, судењето продолжува на 15 октомври

Судењето за предметот „ТНТ“ односно уривањето на комплексот Космос на инвеститорот Фијат Цановски „ТНТ“ продолжува на 15 октомври откако на денешното рочиште беа сослушани двајца сведоци предложени од одбраната.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е поранешниот специјален обвинител Бурим Рустеми, кој се га е во ОЈО Куманово.

Адвокатот Боро Тасевски, пред почетокот на денешното рочиште укажа дека бил известен од неговиот клиент Тони Трајковски дека се уште нема добиено одговор од ОЈО Куманово каде поднел барање за изземање на Бурим Рустеми.

– Бараме прекин на постапката до произнесување на ОЈО Куманово, изјави Тасевски.

Судијата Ставрев рече дека веќе е одлучено и нема да дозволи таков вид одолговлекување на постапката и по што се продолжи со сослушување на сведоци.

Прв беше сослушан технички советник, предложен од одбраната за сведок. Таа укажа дека кога изработила вештачење од 2018 година имала важечка лиценца, но дека е истечена во април 2019 година.

Обвинителот Рустеми реагираше дека техничкиот сведок бидејќи нема важечка лиценца не е компетентен и не може да биде сведок.

Адвокатот Дончо Наков на тоа укажа дека досега на 12 рочишта има реагирано за вештаци предложени од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) кои немале лиценци и дека судот веќе има изградено пракса по тоа прашање.

Судот дозволи сведокот да биде сослушан.

Според сведокот, направената анализа на спорните потписи и печати покажала дека тие се целосно автентични.

На прашање од Рустеми дали добила на увид два или шест документи од извештајот на МВР, сведокот кажа дека вештачела два, за колку што било побарано да се произнесе.

– Не ги оспорувам вештачењата на МВР, туку давам свое мислење, посочи сведокот.

На прашање од Судот како правела споредба и анализа и дали го имала на увид оригиналниот печат.

-Оригиналниот печат кажав дека физички не беше дел од доказите и укажав дека направив споредба на спорните со неспорните печати на документите, изјави сведокот.

Втор беше сослушан сведок, архитект кој изработил вештачење на објектот Космос по наредба на СЈО од април 2017 година.

Сведокот одговараше и појасни како го изработил вештачењето на објектот Космос, дека имал увид во градежни книги, градежни дневници и проект, како и дека извршил увид на лице место на фактичката состојба кога добил наредба за вештачење.

На прашање од Миле Јанакиески дали правел и други вештачења за фирмите на Цановски, сведокот кажа дека и претходно правел вештачења за неговите фирми и конкретно за објектот Космос една година пред да добие наредба за вештачење од СЈО.

Прашан дали некогаш се сретнал со инвеститорот пред да го достави извештајот на СЈО, сведокот кажа дека имал средби со инвеститорот, но не знае кога точно.

Прашан дали на вештачењето, на кое тој е потписник има финансиска проценка на штета, сведокот кажа дека е точно оти има една цена за чинењето на уривањето и една заедничка финансиска пресметка на крајот на вештачењето заедно со другиот вештак.

На прашање дали при вештачењето имал и увид во трошоци за уривање, сведокот кажа дека немал увид во таква пресметка.

На рочиштето присуствуваше и оштетениот во постапката, инвеститорот на комплексот Космос, Фијат Цановски.

За делото обвинети се повеќе лица меѓу кои екс министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и тогашниот градоначалник на општина Гази Баба Тони Трајковски, додека во отсуство му се суди на поранешниот премиер Никола Груевски.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Оливер Спасовски: Уверени сме дека Сашо Мијалков е се уште во државата

Редакција

Стружанка на 56 години почина од корона вирусот

Редакција

Во Кичево регистрирано уште едно лице со корона вирусот

Редакција