еМагазин
Image default
Локално ТОП СТОРИИ

Состојбата со водостоите на реките се смирува, од утре настапува и стабилизација на времето

Состојбата со водостоите на реките во државава полека се смирува, нема нови врнежи и се очекува нивото на водата да се намали, вели во изјава за МИА директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.

Ангелов нагласува дека коритото на реката Вардар во Општина Јегуновце сѐ уште е полно, но состојбата полека се смирува.

– Нема нови врнежи и очекуваме нивото на водата да падне, додава Ангелов.

Високото ниво на реката Вардар беше причина вчера околу 18 часот да почне излевањето на водата и до вечерта да се поплават дворовите на куќите во селото Раотинце во Општина Јегуновце.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Вардар се излеа во неколку населени места во Општина Јегуновце, поплавени куќи и ниви

– Нивото на Вардар е генерално зголемено сѐ до излезот на државата, но нема нови пријави за поплави, дополнува тој.

Хидроцентралата „Вруток“, како што информира, останува затворена и не се испушта вода во Вардар токму поради зголеменото ниво на реката.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Запрен истекот на вода од ХЕЦ „Вруток“ за да нема дополнителен прилив во Вардар

Во однос на кочанската река која се излеа во Општина Чешиново-Облешево, село Облешево, и која зафати неколку дворови и земјоделска површина, тој рече дека утрово нивото на реката полека се намалува и очекуваат да биде стабилизирано во текот на денот.

За мостот на реката Пчиња, Ангелов рече дека тоа е во надлежност на локалната самоуправа и таа треба да процени дали ќе го остави во употреба.

– Но нивото е намалено и водата не претставува закана на мостот, рече тој.

Од Секторот за хидрологија при Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) велат дека до крајот на денов се очекува постепено намалување на водостојот на река Вардар во горниот дел од нејзиното течение, додека во средниот и долниот дел од течението да има зголемување на водостојот.

Посочуваат дека изутринава е забележан и минимално зголемен водостој на реката Лепенец, а сите останати водостои на реките низ земјава се во опаѓање и тој тренд се очекува да продолжи во текот на денешниот ден.

– Сѐ уште посочуваме на внимателност во сливот на реката Вардар, каде во средниот и долниот дел од течението ќе има висок водостој во текот на денот. Генерално, се очекува постепено нормализирање на состојбата со водостоите низ земјава, но сѐ уште предупредуваме на внимателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден, наведуваат оттаму.

Според УХМР од утре ќе настапи стабилизација со сончево и значително потопло време, освен во среда кога се очекува локален развој на нестабилна облачност со услови за краткотраен пороен дожд и појава на грмежи.

МИА/Фото: ЦУК

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Прометот на Македонската берза првото полугодие речиси преполовен

Редакција

Крај нема: На Кипар откриена нова варијанта на Ковид-19, хибрид од делта и омикрон

Редакција

Кои се најголемите должници на новата Листа на УЈП, меѓу нив се уште фирма поврзана со Мијалков

Редакција