Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг и премиерот на Северна Македонија, Димитар Ковачевски разговарале за ситуацијата на руско-украинската граница. Алијансата е подготвена да испрати дополнителни трупи на југоистокот на Европа, јави дописничката на МИА од Брисел.
Тензиите помеѓу Русија и Украина била една од главните теми помеѓу премиерот Ковачевски и неговиот домаќин во НАТО, генералниот секретар Столтенберг.
НАТО смета дека растечкото руско воено присуство на границата со Украина постигна 100 илјади трупи, а забележано е и „значајно движење на руските воени сили во Белорусија“.
– Ова е најголемото руско распоредување од Студената војна, изјави Столтенберг на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Ковачевски.
Во овој контекст, генералниот секретар порача дека Северноатлантската алијанса „продолжува да бара деескалација“ од Русија и предупреди дека секоја „дополнителна руска агресија ќе има сериозни последици и тешка цена“.
Истовремено, Столтенберг порача дека НАТО сака да биде ангажиран во дијалог со Русија, откако Алијансата испрати серија предлози за смирување на тензиите до руските власти.
– Но, НАТО нема да прави компромис за своите темелни принципи: правото на секоја нација да го одбере својот пат и способноста на НАТО да ги заштити и одбрани своите сојузници, предупреди генералниот секретар.
Вчера САД испрати воено засилување во источна Европа – Германија, Полска и Романија, во знак на подготвеност да се одговори на руска акција во Украина.
Столтенберг ја поздрави одлуката на САД и ја нарече „силен сигнал на посветеноста на САД“.
– Исто така разгледуваме распоредување на дополнителни борбени групи на НАТО на југоисточниот дел од Алијансата“, изјави шефот на Северноатлантската алијанса.
Ковачевски од своја страна даде поддршка за работата на Алијансата во однос на Русија и Украина, истакнувајќи дека токму политиката на отворени врати на НАТО и овозможи на Северна Македонија да стане земја членка.
– Го поддржуваме предлогот на НАТО за тематски состаноци со Русија во врска со состојбата на односите на европската безбедност со фокус на Украина и транспарентноста, намалување на ризикот и контрола на оружјето.
Целосно го поддржуваме суверенитетот на Украина и нејзиниот територијален интегритет во меѓународно признаените граници, изјави Ковачевски.
За премиерот на Северна Македонија, „НАТО е колективна одбранбена Алијанса што ги зближува Европа и Северна Америка во оваа криза“.
– Како сојузници ние сме силни, одлучни и обединети во нашата реакција. Северна Македонија останува целосно посветена на основачкиот договор од Вашингтон, како и на фундаменталните вредности и принципи на Алијансата, додаде премиерот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ќе се сретне со Столтенберг, Фон дер Лајен и Мишел: Ковачевски во прва посета на Брисел
МИА/фото: Влада