еМагазин
Image default
Македонија

Средбата на албанските парти од Македонија со Рама била новогодишна, вели Османи

Лидерите на политичките партии на Албанците во земјава утре се очекува да заминат на средба во Тирана на покана на албанскиот премиер Еди Рама.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека утрешниот состанок во Тирана е новогодишна средба со цел размена на мислења по однос на актуелните прашања во регионот и посакување успех во годината која што е пред нас и апелираше да не се создава „некаква конспирација“ во врска со неа.

Според Османи, за средбата нема однапред предвидена агенда за која што ќе се разговара и таа ќе претставува можност за комуницирање и размена на идеи, информации, и ставови за добробит на регионот и на Македонија и Албанија.

– Можам да кажам дека премиерот на Албанија е докажан пријател на РС Македонија, посебно тоа го докажа во текот на овие години и месеци преговори со Република Бугарија, кога буквално некогаш на сметка и на интересите на Албанија, ги кажуваше позициите и на РС Македонија во тој дел. Навистина не сметам дека треба да се создаде некаква конспирација по однос на овие средби, рече Османи.

Од Алтернатива и Алијанса за Албанците за МИА потврдија дека добиле покана за средбата и дека ќе одат неа, без да прецизираат детали, додека пак од Движењето Беса истакнаа дека одговориле позитивно на поканата, но „нема да седат на иста маса со лидерот на ДУИ Али Ахмети“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Беса нема да оди на средбата со Рама, не сакале да седат на иста маса со ДУИ

– Исто како што сме одговориле позитивно на сите покани за средби и во овој случај ја потврдуваме поканата, како и нашето присуство на вечерата организирана од премиерот Еди Рама, изјавија за МИА од Алијанса за Албанците.

Од Алтернатива потврдија дека претседателот на партијата Африм Гаши ќе присуствува на средбата, но дека не се знае за што ќе се разговара.

И од Беса за МИА потврдија дека е добиена покана за средба од страна на Рама и дека позитивно одговориле на неа. Но, според портпаролот на Беса, Фарук Авдиу, иако партијата нема дилеми во чесните намери на Рама, сепак се загрижени дека Али Ахмети би можел да ја злоупотреби средбата, бидејќи секогаш „кога тој има проблеми злоупотребува вакво нешто“.

– Ние, како Движење БЕСА немаме ниту една дилема во однос на чистата намера на премиерот на Албанија за она што се интересира за политичката ситуација во РС Македонија. Нашата грижа како Движење е во врска со ДУИ и Али Ахмети, за неговите игри во врска со овие средби, бидејќи секогаш кога тој има проблеми злоупотребува вакво нешто. Затоа позитивно одговараме на поканата на премиерот, но не гледаме логика да седнеме на маса со ДУИ и Али Ахмети, рече Авдиу.

Средба од ист ваков формат со Али Ахмети, Зијадин Села и Биљал Касами, Рама организираше на 29 декември 2016 година во Тирана, од која произлезе заедничка Декларација на албанските политички партии за зачувување на интересите на Албанците. Таа предвидуваше „целосна јазична еднаквост“, вклучувајќи го статусот на албанскиот јазик во Уставот, еднаков регионален развој, меѓународни комисии за „целосно расчистување на судските монтирани случаи“, како и „сеопфатна дебата за државното знаме, химна и грбот на начин на кој што државните симболи ќа ја рефлектираат социјалната мултиетничност и еднаквост“.

Лидерите потписници на Декларацијата се заложија и дека ќе ја продолжат работата за да ги остварат овие обврски.

Последната средба на партиите потписнички на заедничката Декларација се одржа во јули 2017 година. По неа, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, свика уште една средба, но таа беше бојкотирана од другите лидери поради неговата јавна изјава дека „не седнува со никаквеци“.

Претседателот на Движењето Беса, Биљал Касами имаше уште еден обид да ги седне заедно лидерите на албанските партии на 7 ноември минатата година за да разговараат за измени на Амандманот 5 во Уставот со кој би се сменила формулацијата „јазикот кој го зборуваат 20 проценти од граѓаните“ со „албански јазик“, но неговиот обид заврши безуспешно.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

161 лице починало од Ковид-19 надвор од болница

Редакција

СДСМ и Беса на Касами постигнаа договор за уставните измени

Редакција

Демократски сојуз за бугарскиот клуб во Охрид: Македонија не смее да биде место за промоција на фашизмот

Редакција