еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

ССМ бара минималната плата да биде во висина од 60% од просечната 

Пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) покажуваат дека согласно критериумите за усогласување на минималната плата во март годинава, таа би требало да се усогласи за 3,17 проценти.

Но, од Синдикатот сметаат дека тоа не е доволно и бараат минималната плата да се зголеми во висина од 60 проценти од просечната плата и таа да не изнесува помалку од 16.976 денари.

Дополнително, нагласуваат од ССМ, тоа би значело и спирално зголемување на останатите плати.

– Минималната нето плата сега изнесува 14.955 денари, зголемена е кога даночното ослободување во јануари се зголеми и минималната плата од 14.934 денари се зголеми за 21 денари. Со ова усогласувањето во март 2021 година нето минималната плата ќе порасне нето за 446 денари (15.401), додека бруто минималната плата сега изнесува 21.776 денари. Со ова усогласување бруто минималната плата ќе порасне за 690 денари (22.466), велат од ССМ.

Оттаму додаваат дека просечната нето плата за декември 2020 изнесувала 28.294 денари, а минималната нето плата ќе изнесува 15.401 денари и со минималната плата ќе се покрива 54,43 проценти од просечната плата.

Сојузот на синдикатите на Македонија смета дека ваквото покачување на минималната плата не е доволно со оглед на тоа што во изминатиот период, македонскиот работник само за лекување поради заболување или изолација од Ковид-19 имаше зголемен трошок за витамини и лекарства за најмалку 6.000 денари месечно, а тука се и зголемените цени на сите производи кои се неопходни за едно четиричлено семејство.

– Од овие причини, апелираме минималната плата да се зголеми во висина од 60 проценти од просечната плата и истата да не изнесува помалку од 16.976 денари.

Дополнително потсетуваме дека зголемувањето на минималната плата треба да значи и спирално зголемување на останатите плати во сите сектори и дејности за сите работници, а потсетуваме дека не е законски работодавач да исплаќа плата само во висина на минималната плата на работник, доколку истиот има минат труд, работи во смени, работел прекувремено, работел во празник итн., велат од ССМ.

Од Синдикатот потсетуваат дека согласно законските решенија исплатената висина на минималната плата во бруто износ за претходната година се усогласува во март секоја година со една третина од порастот на просечно исплатената плата во земјата, една третина од порастот на индексот на трошоците на живот и една третина од реалниот пораст на бруто домашниот производ за претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Затвореници во затворот во Струга дилале кокаин низ цела Македонија

Редакција

Кој е Апасиев, кој има поголема доверба и од Мицкоски

Редакција

Филипче за најтешката форма на корона вирусот: Ги напаѓа сите органи, крвта и предизвикува распад на ткивото на белите дробови

Редакција