Сојузот на синдикатите на Македонија преку соопштение ги повика работодавачите, во услови кога се најавени температури од жолта (алертна) фаза на целата територија на државата, да ги почитуваат мерките предвидени со Акцискиот план за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението.
-Сите работници кои работат во услови на изложеност на високи температури, се изложени на топлински стрес. Топлински стрес се дефинира како физичка и физиолошка реакција на работникот на температурата на која е изложен на неговото работно место.
Согласно Законот за безбедност и здравје при работа, работодавачот е должен да обезбеди соодветни услови на работа кои нема да го загрозат животот и здравјето на работниците, посочуваат од Сојузот на синдикатите.
Од Сојузот на синдикатите им препорачуваат на работодавачите да направат проверка на техничко-технолошки колективни мерки за заштита (адекватна вентилација и климатизација), да ги контролираат микроклиматските параметри, да обезбедат минимум една климатизирана просторија со функција на „засолниште” (каде вработените можат да се разладуваат извесен период во текот на работата), повозрасните лица, бремените жени и хронично болните лица да бидат ослободени од работни обврски, да направат промени во организацијата на работниот процес (работа во смени, ротација на работниците…), да се избегнува работа на отворено за време на најтоплиот период на денот (од 11 до 17 часот) или нејзино редуцирање, редуцирање на тешка физичка работа, и да има почести паузи во текот на работата, разладување на вработените со обезбедување климатизирани простори и доволно разладени течности за пиење.
Се препорачува да се намали интензитетот на работата и нормите во производството, да се избегнува прекувремената работа и да има прекин на работата при потреба, да се поттикне самопријавувањето на симптомите кај вработените, да се обезбедат адекватни лични заштитни средства, да се запознаат работниците со ризикот на работното место од високи температури, можните штетни ефекти по здравјето како и со мерките за работа на безбеден начин, да се предупредат вработените за зголемената опасност од несреќи при работа (пожари) и да се посвети посебно внимание и надзор при работа со хемиски материи заради поголема опасност од интоксикација.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Министерство за здравство со препораки за екстремно топлотниот бран