еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ ЧИСТА ОКОЛИНА

Студија: Согорување на биомасата најголем извор на загадување на воздухот во Скопје

Согорување на биомасата претставува најголем извор на загадување на амбиенталниот воздух и тоа придонесува за надминување на дозволените гранични лимити на суспендираните цврсти честички, но постојат и други значајни извори коишто можат и мора да се решаваат, дури и во пократок временски рок, а тоа се, пред се согорувањето на нафтата и мазутот во разни процеси и минералната прашина која што потекнува од градежните активности, ресуспензијата на прашината од улиците, еолската ерозија на вегеталните површини, како и палење на оган на отворено, посебно со тоа што покрај согорување на земјоделски отпад и градинарски има согорување и на други видови на отпад, се наведува во заклучоците на Студијата за извори на загадување на воздухот во Скопје.

На презентацијата на заклучоците од Студијата, беше истакнато дека градежништвото е сериозен учесник во загадувањето, односно дека минералната прашина, посебно во текот на летните месеци, која може да се поврзе токму со несоодветните мерки на градежните активности, рушење, ископување, па и движење на тешки возила по сообраќајниците, без притоа да се преземаат мерки за контрола, сериозно учествува во загадувањето на воздухот.

Меѓу другите загадувачи, беше нотирано и користењето на автомобилите, за што беше напомнато дека со подигање на јавната свест може да се најде алтернатива, како пешачење, возење на велосипед и користење на јавен превоз.

– Задоволен сум што со изработката на студијата „Справување со загадувањето на воздухот во град Скопје“ чии резултати денеска се презентирани е покажано сериозно вклучувања и на научната заедница, која и врз научна основа потврди дека изворите на загадувањето се речиси идентични со оние што ние ги земавме како основа при креирање на мерки и политики, рече министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, истакнувајќи дека во однос на аерозагадувањето на главниот град неопходен е сериозен пристап во замената на начините на затоплување, што поитна гасификацијата, потоа поголема енергетска ефикасност и заштеда на енергијата што се условени и со современите економски трендови, но и воведување на подобрени сообраќајни режими и обезбедување на функционален еколошки јавен транспорт со што ќе се намали користењето на сопствени возила.

Тој нагласи дека со подобрената регулатива, зголемените обврски на локално ниво за изработка на планови за намалување на загадувањето на воздухот и преземање на интервентни мерки, со унапредување на државниот мониторинг систем за квалитет на воздухот, но и со појасни обврски и одговорности согласно новиот Закон за инспекциски надзор и Закон за индустриски емисии, Министерството очекува уште повидливо подобрување на квалитет на воздухот.

Скопската градоначалничка Данела Арсовска, по презентацијата на Студијата се осврна на повеќе проекти кои ги спроведува Градот Скопје, со цел зачувување на животната средина.

– Во Град Скопје се отпочнува со најголемиот еко капитален проект во регионот, а тоа е пречистителната станица, инвестиција што Градот Скопје ја спроведува со поддршка на Европската инвестициска банка и е во вредност од над 60.000 милиони евра, која што практично ќе придонесе за прочистување на над 90 проценти од урбаните отпадни води и значително ќе придонесе на подобрување на животната средина.

Отпочнуваме со првиот од низата мега-паркови и тоа во општината Ѓорче Петров, што ќе биде вториот од ваков тип, покрај Градскиот парк, а следат понатаму уште четири вакви мега-паркови на територијата на Скопје, истакна Арсовска, потенцирајќи дека се работи и на проширување на градското зеленило.

Шведската амбасадорка во земјава Кристин Форсгрен Бенгтсон посочи дека е потребно да се преземат чекори за да се почне да се инвестира во обновливи извори на енергија со цел се намали загадувањето.

– Да, постојат овие научно основани факти за она што го предизвикува загадувањето во земјата, тоа е важно да се има, пред се за да се преземат акции и активности. Потребна е акција.

Увидовме дека биомасата е главен загадувач и прашањето е што сега треба да направиме да се замени биомасата, бидејќи кога почнувате да анализирате, ќе видите дека сето тоа можеби е поврзано со енергетската сиромаштија, зошто се користи толку многу огревно дрво и слично.

Сето тоа го движат економски фактори, тоа може да е цената на енергенсите, енергетска неефикасност, сето тоа е врзано едно со друго ако се користи толкаво количество на биомаса, последицата е дека се придонесува и за дефорестација, за губење на биодиверзитетот и сето тоа води кон ерозија, ризик од поплави, целиот екосистем е врзан.

Прашањето е како може ние да се приближиме до луѓето, како да ги научиме што треба да прават? Заклучоците е важно да се искористат за да се донесат одлуки за активна промена, истакна Форсгрен Бенгтсон.

Студијата е изработена со софистицирана лабораториска опрема на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип која прецизно ги анализираше и утврди поединечните извори и видови на загадувачи на воздухот во Скопје.

Собирањето примероци за загадувачите врз кои е направена анализата во лабораториски услови се одвиваше од октомври 2020 година до ноември 2021 на две постојани и три мобилни локации во Скопје.

Постојаните локации за мониторинг се наоѓаат во Општина Карпош, како репрезентативна урбана локација без директна изложеност на значајни извори на загадување и во Ново Лисиче, како урбана локација која е изложена на загадување кое доаѓа од повеќе извори: сообраќај, загревање на домаќинства со огревно дрво, индустрија итн.

Студијата е изработена во рамки на проектот „Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“, вреден над два милиони американски долари, финансиран од Шведската агенција за меѓународна соработка и развој (СИДА), а го спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), во партнерство со Град Скопје и Министерството за животна средина и просторно планирање.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Поплави во повеќе градови во Србија, во Нови Пазар се трага по две лица

Редакција

Мицкоски прашува дали Захариева барала нов договор со уставни измени, Османи вели дека не коментирал шпекулации

Редакција

(Галерија) Кои се најдобрите хотели за планински туризам во Македонија

Редакција