Двајца судски службеници – полицаец и доставувач вработени во Основниот кривичен суд Скопје, земале поткуп за да „средат“ предмет пред Апелациониот суд Скопје и Врховниот суд, по што завршија во притвор, информираа денеска од Основниот кривичен суд Скопје.
Тие се осомничени за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание и помагање во извршувањето на делото.
Како што велат од таму по предлог на надлежното Обвинителство, судот на 9. април донел одлука на лицето Г.А.А. – судски полицаец да му определи мерка притвор во траење од 30 дена.
Судот оценил дека постои реална опасност од бегство, како и можност тој да влијае врз сведоци и докази во текот на постапката. Оваа решение е веќе правосилно, бидејќи на него не била поднесена жалба.
За лицето Ф.Џ. – судски доставувач на 22. април му бил одреден куќен притвор во траење од 30 дена, иако Обвинителството барало ефективен затворски притвор. Мерката куќен притвор била определена поради основано сомневање за помагање во извршување на кривичното дело.
-При донесувањето на оваа мерка, судот утврди дека постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, како и можност за влијание врз сведоци и докази. Против ова решение, јавниот обвинител има поднесено жалба до кривичниот совет на овој суд, велат од Судот.
Посредувањето, како што информираат од таму, требало да биде пред Апелацискиот и Врховниот суд, а во врска со предмет за којшто Основниот кривичен суд Скопје донел пресуда во која е изречена казна затвор во траење од една година за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или рапсрскувачки материи од член 396 став 1 од Кривичниот законик.
Одлучувањето за нив било во рамки на Основниот кривичен суд Скопје.
-Бидејќи кривичното дело е од лепезата на дела кои се судат во Одделението за организиран криминал и корупција, а имајќи ја предвид судската пракса, Судот не може да биде изземен, велат од таму.












