Размислував како тоа да го пријавам, но две години не преземав ништо, бидејќи знаев дека нема да можам да го докажам, изјави сведокот Ѓорѓи Лазаревски на денешното рочиште на предметот „Таргет-Тврдина“, објаснувајќи како забележал дека во системот за следење на комуникациите меѓу легалните таргети има и нелегални, меѓу кои броеви од јавни личности и политичари од опозицијата.
На прашање од СЈО, кој го вршел прислушувањето, Лазаревски, рече оти нема сомнеж дека е направено во рамки на системот „Веринт, како и дека сите таргети биле од маркирачи вработени во МВР.
– Сите иницијали во логовите ми беа познати бидејќи се поклопуваат со вработените, освен за корисникот „директор“, рече Лазаревски.
Сведокот рече дека го прашал Звонко Костовски дали е вистина дека се прислушуваат актуелни министри и реакцијата на Звонко била дека „нема кој не се прислушува“, по што го замолил „да почне да собира докази за да се употребат за судска разврска“.
Одговарајќи на прашање од СЈО за задачите и пристапот на маркирачите и репродуцерите, Лазаервски рече дека во 2008 година маркирачи биле Марјан Јанкуловски, Ивановски Златко и Снежана Близнаковска, а после неговата смена дошле уште двајца маркирачи.
– Од 2012 до 2013 година јас ги гледав луѓето кои доаѓаа да маркираат, а од 2006 до 2008 не знам кој маркираше, посочи сведокот.
Сведокот појасни дека сите влогови ги чувал кај себе и не нашол некој да му посочи пат како да бидат употребни како судски доказ, дека се прислушуваат јавни личности.
– Подоцна кога почнав да работам со Верушевски му ги предадов нему, изјави Лазаревски.
Сведокот појасни дека лицето Сашо Трајковски му кажало за разговор меѓу министри, а кога го прашал колкав е опфатот на прислушувањето, Трајковски му рекол „да се зачудиш“.
– Звонко беше главен во системот и контролор на Сашо. Размислував да му се обратам на Звонко дали е ова точно и дали е волен да ми обезбеди докази без да ми ги дава на мене, објасни сведокот Лазаревски.
Во „Таргет-Тврдина“ освен екс директроот на УБК Сашо Мијалков, обвинети се и Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинетот на Мијалков, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Истрагата за предметот „Тврдина“ беше отворена на 29 март 2016 година, а за предметот „Таргет“ на 17 ноември 2016 година, а поради нивната поврзаност се споени во еден предмет. Обвинението е подигнато на 30 јуни 2017 година.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви.
Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.
Сашо Мијалков и Горан Грујовски, заедно со Гордана Јанкулоска и Никола Бошкоски се товарат и за уништување на системот за прислушкување на МВР и интермедијациските уреди на операторите во вредност од 1.418.879 евра, а Валентина Симоновска за фалсификување службен документ.
МИА
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ