На 20 август, вторник, со почеток во 20:30 часот, во НЛБ Галеријата, „Фото сојузот на Македонија“ во рамките на своите активности „Денови на македонска фотографија“ пред македонската јавност ќе се претстават со дел од светската фотографска продукција преку проектот-институција „ФотоЕвиденсПрес“.
Станува збор за проект основан во 2010 од бугарската фоторепортерка Светлана Бахчеванова и фотографот Дејвид Стјуарт.
Цел на проектот е негување на традицијата за користење на фотографијата да се привлече вниманието на јавноста кон случаите каде се кршат човековите права, неправдите, мачењата и нападите врз човековото достоинство. Фотографиите не само што го сменија начинот на гледањето на луѓето туку, во некои случаи, успеаа да го сменат и правецот на историјата.
Начинот на работа на ФотоЕвиденс е вкрстување на фотографијата со борбата за човекови права. Нивната активност се темели на верувањето дека фотографиите сами по себе не можат да го сменат светот, но овозможуваат несомнен доказ и приказ на човечки стории за кои не може да се молчи и кои бараат одговор.
Досега ФотоЕвиденс помеѓу останатите здруженија, стана партнер и на проекти со Пулицеровиот центар за кризни известувања, Human Rights Watch, Amnesty International и Фондацијата Open Society.
Во три случаи ФотоЕвиденс со своите фотографски изданија (Фотобук) досега има успеано директно да влијае врз владите и да започнат процес на социjални промени.
Во последните осум години, ФотоЕвиденс Бук Аворд се доделува на еден фотограф чија работа демонстрира храброст, посветеност во потрага по социјална правда, a во 2017 година ФотоЕвиденс станува партнер на World Press Photo.
Избраните проекти се публикувани од ФотоЕвиденс како дел од серија на „Фотобукови“ како признание за работата на фотографите чија посветеност и храброст испорачува болна вистина, создавајќи свест и нетолеранција против насилството врз човековото достоинство.
До денес ФотоЕвиденс има испечатено 25 изданија со кои се привлекува вниманието кон кршење на човековите права, мачења и напади на човековото достоинство каде и да се појави. Неколку изданија на ФотоЕвиденс најдоа свое место во: „Најдобри фотокниги на годината“ на магазинот Time, The New York Times, Smithsonian magazine, Mother Jones, Vogue и Photo- eye.
Изложбата која ќе биде претставена на македонската публика е составена од три фото стории. Фотографите Меџид Саеди, Хавиер Арценилас и Андреа Стар Риз обработуваат теми од три различни делови на светот кои нема да ја остават публиката рамнодушна.
„Денови на македонска фотографија“ е клучната фотографска манифестација во Македонија и претставува пресек на творештвото на македонските фотографи во тековната година. Организатор е Фото сојуз на Македонија и оваа година се одржува по 57-ми пат. Во нејзин склоп се одвива неколку активности од чиј дел е и изложба од колекцијата на ФотоЕвиденс.