еМагазин
Image default
Бизнис

„Тиквеш“ годинава со рекорден откуп и највисока просечна цена

Заврши годинешната берба и откупот на винско грозје во винарската визба „Тиквеш“, информираат од таму.

Оваа година „Тиквеш“ откупи најголема количина грозје во однос на минатите години. Воедно, водејќи се од стратегијата за обезбедување висок квалитет, постигната е највисока просечна цена по килограм досега, посочуваат од винаријата.

Во рамки на годинешниот откуп, заклучно со 30. септември, „Тиквеш“ прими рекордни 32 милиони килограми квалитетно грозје, што е близу една третина од целокупниот откуп во државата. При тоа, постигната е просечна откупна цена од над 15 денари за килограм, што е повеќе од 11% повисока од минатогодишната.

Дополнително, во согласност со својата стратегија и определба да го стимулира и наградува производството на висококвалитетно грозје, кое е неопходно за производство на врвни вина, „Тиквеш“ и оваа година понуди 50% повисоки цени за грозјето со висок квалитет, произведено согласно светските стандарди и критериуми за квалитет, како и дополнителни три денари за килограм грозје предадено во гајби, велат од винаријата.

– Она што нѐ прави особено задоволни оваа година е квалитетот на откупеното грозје, што е резултат на зајакнувањето на партнерскиот однос на винарницата со лозарите.

Оваа година процесот на договарање и потпишување договори за откуп започна уште во мај, три месеци пред стартот на бербата, при што „Тиквеш“ потпиша околу 2.800 договори за партнерска соработка, обезбеди препарати и средства за заштита по пониски цени, стручни совети и едукација за начинот како лозарите да постапуваат во процесот на одгледување и заштита на лозјата, а обезбедени се и флексибилни начини на исплата на откупеното грозје во многу пократки рокови од оние кои се дефинирани со закон.

Се вршеа и лабораториски и сензорни анализи, со цел да се осигура дека грозјето се одгледува според светските стандарди и критериуми за квалитет. Сите овие спроведени активности придонесоа „Тиквеш“ и оваа година да откупи грозје со посакуваниот квалитет, кој е предуслов и гаранција за високиот квалитет на вината на „Тиквеш“, објаснуваат одговорните во „Тиквеш“.

Средствата кои беа најавени од државата за поддршка на винарниците, „Тиквеш“ ќе ги искористи за интернационална промоција и подобро позиционирање на виното на странските пазари.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

ТТК Банка лани оствари добивка од 90,6 милиони денари

Редакција

ЕСМ склучи договор со Хем-алијанс вреден 636 илјади евра

Редакција

„Свислион“ планира понуда за дооткуп на „Агроплод“

Редакција