еМагазин
Image default
Македонија

Тодоровиќ повеќе од три часа на распит во суд за „Феникс“, Обвинителство бара притвор

Поранешниот градоначалник на Општина Центар, Владимир Тодоровиќ повеќе од три часа е на распит во Кривичниот суд за случајот „Феникс“ односно за злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари во врска со набавката на дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“.

Судија на претходна постапка, претходно го прифати барањето на обвинителството и им одреди 30-дневен притвор на поранешниот претседавач на Советот на Центар, Владимир Здравев и на уште едно лице, кои исто така се осомничени во „Феникс“. На уште еден осомничен му е одреден куќен притвор.

Од Кривичниот суд Скопје за МИА информираа дека притвор од 30 дена досега им е определен на З.В. и на Љ.Б, додека мерка куќен привор му е одредена на Т.Д.

Повеќе поранешни функционери се дел од истрагата на Јавното Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција која се води против 15 лица под кодно име „Феникс“. Помеѓу осомничените, покрај македонски државјани има и државјани од Италија, а се сомничат за злоупотреба на службена положба и овластување и перење пари во врска со набавката на дел од спомениците од проектот „Скопје 2014“.

Како што информира денеска на прес-конференција обвинителот Љубомир Лапе, осомничените, заобиколувајќи го Собранието, обезбедиле финансиски средства од државниот буџет со кои го финансирале извршувањето на кривичните дела и незаконски ги префрлиле на сметката на општина Центар во вкупен износ од 3.547.390.000 денари (57.681.138 евра).

Обвинителот не ги посочи имињата на осомничените, но, според нивните своевремени функции, станува збор за поранешниот премиер Никола Груевски, кој е првоосомничен, второосомниочен е поранешниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески, поранешната министерка за култура Елизабета Канческа Милевска, двајца поранешни градоначалници на општина Центар Владимир Тодоровиќ и Виолета Аларова и поранешниот претседател на Советот на Општина Центар, Владимир Здравев, а меѓу осомничените е и еден државјанин на Италија и три италијански фирми.

Кривичните дела се сторени од 2007 до 2013 година, периодот кога се спроведувани јавните набавки за предметите споменици, дел од „Скопје 2014“, а истрагата е отворена по 10 години.

Меѓу спомениците за кои се води постапката се „Воинот на коњ“ на плоштадот „Македонија“, лавовите – архаични и класични, „Даме Груев“, „Гоце Делчев“, „Никола Карев“, „Методија Андонов – Ченто“, „Цар Самоил“, „Гемиџии“, „Цар Јустинијан“, „Првото заседание на АСНОМ“ и „Основачите на ТМРО“.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

30 дена притвор за Владимир Здравев за „Феникс“

Сите детали: Груевски, Ставрески, Тодоровиќ, Канческа-Милевска осомничени во “Феникс“

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Како пратениците се збогуваа со Павле Богоевски

Редакција

Германскиот министер Мас: Ќе сториме се што е во наша моќ за старт на преговорите до крајот на годинава

Редакција

28-годишна девојка се лекува на Клиника поради згрутчување на крвта по примена вакцина на „АстраЗенека“

Редакција