Украинскиот парламент усвои резолуција со која дејствувањето на руската војска во Украина се квалификува како геноцид и ги повикува државите и невладините организации да го сторат истото.
„Руските дејствија имаат за цел системски и кохерентно да го збришат украинскиот народ, да му го одземат правото на самоопределување и независен развој“, се вели во текстот, кој беше прифатен со мнозинство од 363 гласа во 450-члениот парламент.
„Затоа, неопходно е веднаш да се препознаат акциите на руските вооружени сили за време на агресијата што започна на 24 февруари 2022 година како геноцид врз украинскиот народ“, се вели во текстот.
Во текстот на резолуцијата се повикуваат и Обединетите нации, Парламентарното собрание на Советот на Европа, Европскиот парламент, Парламентарното собрание на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и НАТО, како и владите и парламентите во светот дејствијата на руските сили во Украина да ги прогласат за геноцид.
Американскиот претседател Џо Бајден и уште неколку странски лидери го обвинија рускиот претседател Владимир Путин дека извршил геноцид во Украина, што официјален Киев го поздрави, но таквите изјави, според некои правници, потекнуваат повеќе од политичка реторика отколку од правно утврдени факти.
“Зборот геноцид има прецизна правна дефиниција, но тој е широко користен од политичките лидери и активисти поради неговата моќ да стимулира дебата и да го поттикнува јавното мислење“, вели Вилијам Шабас, професор по меѓународно право на Универзитетот Мидлсекс во Лондон.
Францускиот претседател Емануел Макрон ја објасни својата одлука да не го изговори зборот геноцид, бидејќи верува дека „вербалната ескалација нема да и помогне на Украина, па дури и може да го вовлече Западот во војна“.
Германскиот канцелар Олаф Шолц исто така одби да го изговори терминот геноцид и наместо тоа зборуваше за воени злосторства.
„Во источна Европа се води страшна војна…тоа е страшна војна и извршени се воени злосторства, изјави завчера германскиот канцелар.
МИА/Фото: Руско министерство за одбрана