еМагазин
Image default
Свет ТОП СТОРИИ

(Видео) Американците со борбен авион го соборија кинескиот балон, Кинезите гневни

Американски борбен авион од типот „Ф-22“ вчера го собори кинескиот балон што неколку дена леташе над САД и неприфатливо го наруши американскиот суверенитет, соопшти Министерството за одбрана на САД.

– По наредба на претседателот Бајден, американски борбен авион (…) собори шпионски авион на голема височина, лансиран од Народна Република Кина, во воздушниот простор над водите во близина на брегот на Јужна Каролина, соопшти министерот за одбрана Лојд Остин.

Џо Бајден секогаш безбедноста на Американците ја прави свој приоритет и на тој начин ефикасно ќе одговори на неприфатливото кршење на нашиот суверенитет, се додава во соопштението.

Американската војска соопшти дека ќе се обиде брзо да ги пронајде клучните компоненти на кинескиот балон за набљудување меѓу остатоците во близина на брегот на Јужна Каролина.

-Потрагата е во тек. Колку таа ќе трае допрва треба да се утврди, изјави висок претставник на американската одбрана, додавајќи дека остатоците се наоѓаат во релативно плитки води.

Висок воен функционер рече дека очекува повторното составување на балонот нема да трае со недели или месеци, туку ќе биде релативно брзо.

Балонот беше откриен во средата над сојузната држава Монтана, каде 150 интерконтинентални балистички ракети вооружени со нуклеарни боеви глави се складирани во воена база на северот, а Пентагон соопшти дека претседателот го одобрил уривањето уште истиот ден.

-Претседателот Бајден во средата издаде овластувања за уривање на шпионскиот балон веднаш штом ќе се исполнат условите мисијата да се изврши без да се загрозат животите на Американците, додаде Остин.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео) Кинески балон лета над САД: За Американците е шпионски, Кинезите велат дека е метеоролошки уред

Претходно Кина ги отфрли обвинувањата за шпионажа, соопштувајќи дека станува збор за истражувачки балон што скршнал од рутата поради „виша сила“ и ги обвини американските политичари и медиумите за искористување на ситуацијата за да ја оцрнат Кина, пренесоа британските медиуми и додадоа дека претставник на американската одбрана објаснил дека кинескиот балон е дел од надзорната флота балони кои вршат шпионажа на пет континенти.

-Кинескиот балон не беше метеоролошки балон, туку шпионски балон со задача да добие податоци за чувствителни воени локации, изјави претставник на американската одбрана.

Американската федерална управа за авијација (FAA) објави дека сообраќајот е обновен на три аеродроми во Јужна Каролина: Вилмингтон, Миртл Бич и Чарлстон, откако претходно сообраќајот беше прекинат „од безбедносни причини“.

Американскиот државен секретар Антони Блинкен оцени дека упадот на „надзорен балон“ во воздушниот простор на САД е „неприфатлив“ и „неодговорен“ и ја откажа посетата на Пекинг планирана за недела.

Пентагон во петокот соопшти дека и втор кинески балон е забележан во Латинска Америка, но не ја прецизираше точната локација.

И САД и Кина со децении користат сателити за набљудување за да се следат едни со други од воздух.

-На некој начин, тоа е повеќе аматерски, изјави поранешниот советник за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон: „Дали камерите на нивните сателити немаат доволно висока резолуција за да мора да испратат балон?

Вревата околу балонот доаѓа додека Кина ги зајакнува своите воени способности и го предизвикува американското воено присуство во Пацификот.

САД, исто така, веруваат дека Пекинг се обидува да добие комерцијални информации и да земе знаење од американските компании.

Пекинг изрази силно незадоволство заради американското соборување на кинескиот балон

Официјален Пекинг ја осуди одлуката на САД да го соборат кинескиот балон, обвинувајќи го Вашингтон дека реагира на очигледно прекумерен начин и „сериозно ја крши меѓународната практика“.

-Кина изразува силно незадоволство и протест поради употребата на сила од САД, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи, додавајќи дека „го задржува правото да возврати“.

МИА/Видео: CNN

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Пожар кај Фурка, интервенира и армиски хеликоптер

Редакција

(Фото) Роби „Телекабел“ го означи стартот на новиот мобилен оператор: Го има првиот број со префикс 074

Редакција

Премиерот Ковачевски ја минал ноќта во болница, причината веројатно е труење со храна

Редакција