еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

(Видео) Ковачевски се надвикуваше со пратениците, свирежи за време на неговото обраќање: „Силно верувам во исправноста на предлогот“

Премиерот Димитар Ковачевски беше пречекан со свирежи при обраќањето на денешната собраниска седница на која се расправа за „францускиот предлог“. Тој се надвикуваше со пратениците за да ја пренесе пораката до нив и до граѓаните..

„Успеавме да добиеме единствен, формален, заокружен, заеднички предлог на Европската Унија. На сите држави членки.

Тој европски предлог на вистински начин ги отсликува нашите дефинирани позиции.

Прво, јасно го прецизира македонскиот јазик како единствен, признат и прифатен јазик за Европската Унија. Тоа е тоа што го баравме. Нашата национална ДНК, македонскиот јазик, да биде службен и единствено официјален јазик.

Да, со европскиот предлог, целиот процес на нашите преговори, сите милиони страници во годините што следат, заклучно со Актот за полноправно членство, ќе бидат напишани на македонски јазик. На македонски јазик ќе се зборува официјално и во Брисел и во сите европски престолнини. Тоа е најголемото достигнување, најважниот успех.

Второ, сите билатерални прашања со источниот сосед, но и било кои други билатерални прашања со било која друга држава, особено соседна, не се дел од Преговорачката рамка со Брисел. Токму таа Преговарачка Рамка е Уставот на нашето интегрирање во ЕУ. И најважно од се, таа е ослободена, прочистена, од ваков тип на прашања. И тоа е уште една голема работа.

И трето, со европскиот предлог, се дефинира одржување на првата Меѓувладина конференција веднаш. Сега и во Брисел. Ние добиваме конечно, по 17 години чекање, и многу најави, и многу разочарувања по нив, официјален почеток на преговорите со средба на целата Влада со Европската комисија. Со сите нишани и стандарди.

Е тоа е, почитувани пратеници, единствената вистина во оваа олуја на манипулации, шпекулации, лажни вести и намерни и ненамерни штети и креирање криза и дестабилизација на државата,“ рече Ковачевски и порача дека „со цврста убеденост, со чиста совест и полно срце, предлагам да го прифатиме предлогот и да продолжиме напред, со заштитено минато, со извесна и стабилна сегашност во конечно подобра иднина.“

„Ова го правам, не затоа што морам, не затоа што е лесно, туку затоа што силно верувам во исправноста,“ порача Ковачевски.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Во живо) Продолжи седницата на која се расправа за „францускиот предлог“

Фото: Влада/Видео: ТВ21

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Жените, децата и постарите лица се целосно евакуирани од фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол

Редакција

Изречени 540 санкции за неносење маска

Редакција

Потпишан договор со “ИРД инженеринг“ за консултант и надзор за автопатите на коридорите 8 и 10-д, кои ќе ги гради „Бехтел и Енка“

Редакција