Неколку дена откако вработените од Комунална хигиена поради штрајк не го собираат ѓубрето во Скопје, што предизвика револт кај граѓаните, синоќа конечно се огласи и градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
„Нова атракција за скопјани – ѓубре туризам“: Твитер реакции за ѓубрето во кое се „удави“ Скопје
Таа информираше дека скопските јавни претпријатија синоќа биле на терен и дека активно се работело на расчистување на сметот и дека ЈП Комунална хигиена почнало нормално да функционира.
Таа обвини дека мафијашки структури неколку дена ја блокираат работата на ЈП Комунална хигиена поради лични интереси.
– Се работи за лица кои повеќе од 15 години работеле само една смена и тоа трета смена во претпријатието спротивно на закон и на колективниот договор. Поголем дел од нив кои биле вработени на овој начин воопшто не се појавувале на своите работни места и не ги извршувале своите работни обврски.
Сега дел од истите ја блокираа работата на комуналното претпријатие и не дозволуваат сите останатите 1.300 вработени да можат да ја извршуваат својата работа. Иако нема законски најавено штрајк, иако поголем дел од овие лица повеќе не се вработени во ова претпријатие, тие сепак извршија мафијашка блокада, рече Арсовска.
Според Арсовска, оваа ситуација ја искористиле градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ за ситни политички поени, а на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски му порача дека е разобличен со тоа што сака да креира проблеми, а потоа да се претставува дека ги решава.
– Заврши времето кога овие градски претпријатија беа третирани како нечија лична и приватна сопственост и наместо во интерес на граѓаните, работеа за интересот на малкумина.
И на крај сакам да му порачам на Христијан Мицкоски дека вечерва е разобличен затоа што за бескруполозноста за евтини политички поени сака да креира проблеми за граѓаните, а потоа сака да се претставува дека ги решава.
Таквите политичари се најголемото ѓубре што овој град ги видел и ние вечерва со чистењето на ѓубрето ќе почнеме да ги чистиме и нив, рече Арсовска.
Презентираше документ на којшто се гледа дека од една фамилија во „Комунална хигиена“ биле вработени над 40 лица, а од друга фамилија над 30 лица.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/еМагазин/Фото/видео: Град Скопје