еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

(ВИДЕО) Во ЕУ не се оди како ничија земја, како дрво без корен, кажа Пендаровски во годишното обраќање

Крајно време е да се запрашаме што правиме наспроти културата на заборавот и негрижата која доминира, затоа што за Европа не се битни само судските и бирократски реформи, туку и нашиот културен влог. Во Европската Унија членуваат земји со уникатен социо-културен развој, таму не се оди како ничија земја, како дрво без корен, истакна претседателот Стево Пендаровски денеска во годишното обраќање во Парламентот.

Ние, како што истакна шефот на државата, имаме светски референтни дела на тој план и не смееме да бидеме исклучок од тоа правило, заради себе, не заради нив. Затоа, како што посочи, е потребна далеку поголема грижа за нашиот јазик, за нашите стожерни културни институции, за нашите паметници, за виталните белези на нашиот идентитет.

-Децениските оспорувања на нашиот идентитет, нè натераа да се свртиме повеќе кон заштитата и промоцијата на националното културно наследство. Меѓутоа, во транзицијата, за жал, надвладеа вулгарниот нео-либерален концепт на тотална комерцијализација и во сферата на културата што во суштина задуши многу креативни акции на умот, рече Пендаровски.

Одложувањето на евринтеграциите на земјите од регионот, можност други регионални играчи да го пополнат просторот

Пендаровски во редовното годишно обраќање се осврна и на состојбата во регионот притоа нагласувајќи дека поради децениското заостанување во приближувањето кон Европа, екстра регионални играчи го пополнуваат стратешкиот вакуум со вредности, кои, како што рече, не се компатибилни со евро-атлантските.

Од овие причини, нагласи, паѓа и поддршката на граѓаните за евроинтеграциите, што како што истакна е најизразено во Северна Македонија.

-Иако се јасни мотивите за таквата промена на расположението, имено, ниту еден европски народ не бил изложен на такви ирационални барања како македонскиот во своите обиди за меѓународна афирмација, треба да знаеме дека влегуваме во година во која, не само ние, туку, сите држави на западниот Балкан повторно ќе бидеме соочени со старите дилеми.

Наспроти фактот дека просперитетот на државите од еден ист регион е меѓузависен, сепак, нашата иднина во најголем дел зависи од одлуките што ги носиме тука, во нашите национални институции.

Критичен предуслов за вистинска одлука е внимателно да следиме што се случува околу нас и во меѓународните центри на моќ и да реагираме разумно и на време, рече Пендаровски.

Според него, првата можност пред нас е истоштени од долгата транзиција и очигледните неправди кон нас како народ, да поверуваме дека националистите и популистите знаат повеќе од сите други и имаат инстантни решенија за клучните проблеми, иако е познато дека ама баш никаде во светот не придонеле за среќата на луѓето и просперитетот на народите.

Втората можност, нагласи тој, е да им дадеме поддршка во работата на скромните, разумни и некорумпирани поединци на национално и на локално ниво, кои знаат да го обединат потенцијалот на граѓаните и кои ги преферираат нивните доблести, знаења и човечки интегритет, а не само партиската и етничка припадност.

-Два месеци потрошивме на локалните избори, уште повеќе време во партиски комбинаторики и калкулации за ново парламентарно мнозинство.

Очекувам новата влада час поскоро да се позабави со реалните проблеми на граѓаните кои се намножија оваа година, од пандемијата и економијата сè до енергетската криза која допрва ќе се продлабочува, рече претседателот во обраќањето на кое присуствуваа високи државни функционери, претставници на дипломатскиот кор и на верските заедници во земјава.

Осврнувајќи се на состојбите во регионот, рече, споредено со претходните децении, на Балканот се забележува релативен економски прогрес, меѓутоа и значајно демократско назадување, што, според него, само го забрзува иселувањето на луѓето и ја зголемува нивната апатија.

-Во повеќето земји, автократските и популистички водачи добиваат се поголема поддршка од граѓаните, додека во исто време поддршката за европските интеграции е во надолна линија.

Поради децениското заостанување во приближувањето кон Европа, екстра регионалните играчи го пополнуваат стратешкиот вакуум со вредности кои не се компатибилни со евро-атлантските.

Најдобриот доказ во таа насока го видовме во изминативе 18 месеци преку таканаречената ковид дипломатија. Безбедносната ја потиснува во втор план интеграциската реторика и агенда, идентично како во раните 1990-тите години и иако е јасно дека не постои потенцијал за нови војни, во отсуство на политичка поддршка и ресурси за таков развој на настаните, очигледно е дека политиката на преферирана стабилократија и на статус кво доживува неуспех, нагласи Пендаровски.

Тоа, според него, било конечно препознаено и од клучните субјекти на западната алијанса – Соединетите Американски Држави, Европската Унија и Обединетото Кралство кои назначија специјални пратеници за западниот Балкан, што, како што нагласува Пендаровски, се нема случено никогаш во исто време, ниту во деведесетите години од минатиот век.

Неселективност во владеењето на правото и одговорност за надминување на општествената апатија

Неселективноста во владеењето на правото и одговорноста е најдобриот начин да ја надминеме општествената апатија која се шири и разочарувањето, особено меѓу помладите кои не веруваат дека некогаш во оваа држава може да има правда. Многу истражувања потврдуваат дека емиграцијата на нашите сограѓани, во голема мерка, не е предизвикана само од егзистенцијални причини, туку и од квалитетот на животот, истакна Пендаровски во годишно обраќање во Собранието.

Со други зборови, како што рече шефот на државата, луѓето заминуваат во оние држави каде што има правда, таму каде што и најбогатите и најмоќните одговараат за кршењето на законите, исто како и луѓето кои се истуркани на периферијата на животот.

-Реформите во сферата на владеењето на правото се далеку најважниот приоритет за државата и според моја проценка тоа ќе бидат и треба да бидат и во годините што се пред нас, сосема независно од нашето темпо на приближување кон Брисел.

И покрај одредениот напредок, констатиран во последниот Извештај на Европската комисија, останува нашата стара обврска која неретко не ја почитуваме, реформите да ги имплементираме во пракса до крај, нагласи Пендаровски.

Според него, најважен аспект во изградбата на функционална правна држава е еднаквоста пред законот, односно, неселективноста на правдата.

-Со законите што ги носиме не смееме да ги привилегираме оние кои не го почитуваат поредокот, наспроти оние кои го почитуваат. Посебно разочарува тоа што, за жал, сите релевантни истражувања на јавното мислење го докажуваат растечкото чувство меѓу граѓаните дека во државата владеее културата на неказнивост.

Единствениот начин да ја вратиме довербата во институциите е да имаме правна завршница во секој случај каде што постои сомневање за сторени кривични дела, посочи Пендаровски.

Во контекст на тоа додаде дека големата автобуска несреќа во која загинаа 45 наши граѓани е само последниот во низата вакви случаи.

– Доколку овој, како и некои претходни случаи не добијат судска завршница во разумен рок, недовербата на граѓаните само ќе расте. Општество со такви тенденции е плодна почва за појавата на авторитарни и популистички лидери кои наместо квалитетен процес ветуваат „брза и ефикасна” правда, рече Пендаровски.

На почеток од обраќањето Пендаровски ги повика присутните да им оддадат едноминутна почит на нашите сограѓани кои ги изгубија своите животи во сообраќајната несреќа во Бугарија, во пожарот во модуларната болница во Тетово и на сите оние кои оваа година починаа од Ковид -19.

МИА/Фото/видео: Кабинет на претседателот

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Благој Нацоски: Се надевам дека првата меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Македонија ќе се одржи во Ваташа

Редакција

Заев најави средба со Мицкоски за Пописот, ЕУ и СЈО

Редакција

Од вечерва поројни дождови со засилен ветер

Редакција