еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

(Видео) Водици во Скопје: Како изгледаше фрлањето на крстот

Кристијан Нинески беше најсреќниот меѓу многубројните верници кои денеска на Богојавеление – Водици скокнаа во реката Вардар и го извади осветениот крст.

Нинески досега осум пати учестувал на манифестацијата, а ова е трепат како го фаќа крстот.

-Сите да сте живи и здрави, изјави Нинески.

Нинески беше даруван од архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан, од градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и од повеќе спонзори на манифестацијата, кои му посакаа добро здравје и многу успеси.

Православните верници денеска го слават празникот Богојавление, кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.

И годинава продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води. Скопската православна епархија при МПЦ-ОА го организираше традиционалното осветување на водите на реката Вардар и чинот на положување на Чесниот крст. Манифестацијата се одржа на мостот „Слобода“, кај хотел „Холидеј ин“.

Одбележувањето почнува во 9 часот со архиерејска божествена литургија во храмот „Рождество на Пресвета Богородица“, во која учествуваше и архиепископот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) г.г. Стефан.

По завршувањето на литургијата следуваше голем освет на водите во припратата на црквата. Потоа архиепископот на МПЦ-ОА г.г. Стефан заедно со свештенството во поворка се упатија кон мостот „Слобода“. Таму почне церемонијата „Водици“, а архиепископот го положи крстот во реката Вардар.

Од Скопската православна епархија при МПЦ-ОА апелираат верниците да бидат присутни во храмовите, да учествуваат активно во божествената литургија со тоа што ќе се причестат. Сите верници, пак, кои ќе се обидат да го фатат крстот тоа да го прават од верски побуди, достоинствено, со почит и со страв божји.

Богојавление-Водици се одбележува и во другите епархии на МПЦ-ОА, како и во помесните православни цркви низ светот кои се водат според Јулијанскиот календар.

На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити.

Во земјава, согласно Законот за празници, Богојавление-Водици е неработен ден за граѓаните од православна вероисповед.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

(Видео+галерија) Како се обележа Водици во Охрид: Езерото брануваше, а температурата на водата беше 9 Степени

МИА/Фото/видео: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Коалиција „Сите за правично судење“: Направени отстапки од ранг листата на кандидатите при избор на судии за Апелационен суд

Редакција

Каде се од утре ќе треба да носиме маски

Редакција

ЛДП останува во Владата и дава поддршка на идниот мандатар

Редакција