Лидерите на двете најголеми политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски веќе наголемо работат на терен во пресрет на изборите закажани за 12 април.
Тие деновиве остварија средби со бизнисмени и посетија компании на кои порачаа отвореност и слух за потребите на бизнис секторот.
Заев ја посети фабриката „Макпрогрес“ во Виница.
„Бевме во посета на „Макпрогрес“, одлична македонска компанија којашто е еден од најголемите извозници и претставува гордост на сите граѓани. Преку 90% нивните програми одат за извоз носејќи девизни приливи на државата.
Во наредниот период очекуваме отворање на преговорите со ЕУ, а со тоа и отворање на европските фондови, кои на овие компании ќе им бидат поддршка за развој и дополнителна мотивација да вложат во нови машини, во нови капацитети, да го шират своето производство“, напиша Заев на својот Фејсбук профил.
Мицкоски, пак, оствари средба со бизнисмените од Сојузот на Стопански комори.
„Состанокот, практично треба да биде средба во која што ќе можеме да презентираме дел од политиките кои што ги предвиде ВМРО-ДПМНЕ за следните предвремени парламентарни избори, а се однесуваат на економијата која што ќе биде главен фокус за следниот четиригодишен мандат на владата која што ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ.
Имајќи предвид дека програмата се уште не е затворена, постои можност нели истата да биде проширена. Како што кажа претседателката така јас еве и ќе повторам, покрај тоа што ќе зборуваме и ќе презентираме политики и проекти кои што како политичка партија планираме да ги работиме, сме тука и да слушаме.
Она што Сојузот на Стопански Комори практично ќе ни го предложи, она што е важно за нив, па да видиме дали дел од тие проекти, политики можеме веднаш да ги уклопиме во програмата“, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил.
Фото/Видео: Фејсбук/Заев/Мицкоски